Германските угостители не можат да најдат доволно работници за ЕП
Германските ресторани и хотелиери очекуваат рекорден број посетители за време на Европското фудбалско првенство, но истовремено стравуваат од недостиг на кадар, пишуваат германските медиуми.
„Речиси е невозможно да се најде персонал на пазарот, ќе мораме да управуваме и да привлекуваме персонал од други гранки преку приватни агенции за посредување на одреден временски период“, вели за јавниот сервис АРД, Сами Нофал, менаџер на паркхотелот Хајнер во Гелзенкирхен во Западна Германија, каде меѓу другото се одржуваат натпревари меѓу репрезентациите на Србија и Англија.
Во склоп на хотелот има и голема тераса, на која ќе биде организирано јавно гледање на натпреварите на ЕП, кои ќе се одржат во Германија од 14 јуни до 14 јули.
Персоналот „позајмен“ за време на ЕП чини значително повеќе, но немаме излез“, вели Нофал.
На рестораните низ Германија им е тешко да најдат нов персонал пред ЕП во нивната земја, кој делумно ја напушти индустријата за време на пандемијата на коронавирус. Синдикатот во хотелиерството и угостителството НГГ смета дека работниците го свртеле грбот на угостителството и хотелиерството и во голема мера не се вратиле по пандемијата поради традиционално ниските саатници.
„Ова, како што покажа анкетата меѓу нашите членови, е главната причина поради која персоналот му врти грб на угостителството “, велат од НГГ. По правило, рестораните им плаќаат на своите вработени околу 13 евра на час за келнери.
Угостителските здруженија причината за кадровските проблеми првенствено ја гледаат во „академизацијата“ на општеството и демографските промени.
Критичарите на социјалната политика на актуелната власт посочуваат дека на овие работни места тешко се добиваат милионите бегалци кои од 2015 година пристигнаа во Германија бидејќи по правило социјалните бенефиции се повеќе од заработувачката во угостителството. Покрај тоа, бегалците и барателите на азил генерално не зборуваат доволно добро германски за да работат директно со клиентите.
И покрај проблемите со персоналот, рестораните и хотелиерите очекуваат позитивен биланс на претстојното ЕП во Германија и слични поволни ефекти како на СП 2006 година во Германија.
„Дури и ако сите хотели и угостителски објекти не го зголемат прометот директно поради ЕП, не треба да се потцени позитивната атмосфера и плус за Германија како туристичка дестинација“, вели Ингрид Хартгес, директорка на чадор здружението на угостители и хотелиери Дехог.
И додека хотелите досега немаат забележано експлозија на резервации во деновите кога се играат натпреварите во градовите каде што се наоѓаат, платформата Airbnb забележа двојно поголем број на резервации во споредба со истиот период минатата година, и покрај тоа што сопствениците на сместувачките драстично ги зголемија цените.
Така, за наједноставен стан во просек треба да потрошите околу 180 евра за ноќ, додека собите во просек чинат околу 90 евра. Најмногу странски гости доаѓаат од Велика Британија.
Во одморалиштето Марк Бранденбург во малото гратче Нојрупин, недалеку од Берлин, каде што ќе престојува хрватската фудбалска репрезентација, цената на една соба за време на првенството е околу 300 евра за ноќевање, пишува Хина.