Германскиот извоз во октомври падна на 124,6 милијарди евра, најниско ниво во последните три години


Вредноста на германскиот извоз падна за 2,8 отсто на 124,6 милијарди евра во октомври, што е најниска вредност во речиси три години, објави денеска германската Федерална статистичка служба Дестатис.

Според извештаите, германскиот извоз во земјите од Европската унија е намален за 0,7 отсто, а извозот во земјите кои не се членки на ЕУ за 5,3 отсто.

Извозот во САД е значително намален за 12,2 отсто на месечно ниво, исто како и извозот во Кина за 3,8 отсто и Русија за 9,4 отсто, додека, наспроти тоа, германскиот извоз во Велика Британија е зголемен за 2,1 отсто.

Ако го анализираме десетмесечниот период од јануари до октомври, ќе заклучиме дека вредноста на германскиот извоз паднала за 1,2 отсто на годишно ниво на 1,3 билиони евра, се наведува на веб-страницата Дестатис.

Генерално, германската индустрија е многу внимателна во однос на развојот на странскиот бизнис, се вели во посебен извештај на Институтот за економски истражувања ИФО во Минхен за ноември.

Најтешко погодена е металната индустрија која очекува значителен пад на извозот, а лошото расположение владее и во автомобилската индустрија и машинското производство. Во хемиската индустрија, позитивните и негативните изгледи се речиси во рамнотежа, додека германските производители на храна и пијалаци се во најдобра позиција и очекуваат раст на извозот.