Германски дипломати на средба со Славица Грковска
Вицепремиерката Славица Грковска денеска имаше средба со Сузана Шуц од директоратот за Западен Балкан и Сабине Штол од директоратот за проширување на ЕУ на Министерството за надворешни работи на Германија, кои престојуваат во работна посета на нашата земја.
Како што соопшти владината прес-служба, вицепремиерката Грковска ги запознала претставничките на Министерството за надворешни работи на СР Германија, кои на средбата ги придружуваше амбасадорката Анке Холштајн, со преземените активности на нејзиниот кабинет во сферата на доброто владеење, реформите на јавната администрација, дигитализацијата и борбата против корупцијата, и се задржа на соработката во овие сфери со Бугарија.
Претставничките на Министерството за надворешни работи на Германија, како што е наведено во соопштението, покажале посебен интерес за дијалогот Скопје-Софија и изразиле надеж дека процесот поставен на нови основи за соработка и комуникација меѓу двете земји наскоро ќе има видливи резултати со почеток на преговорите за нашата земја за членство во ЕУ, што, како што истакнале е од важен интерес за Берлин.
Грковска на средбата посочила дека дијалогот со бугарската страна се развива во позитивна насока и дека војната во Украина покажа дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е од геостратешки интерес на Брисел и на Европа. Грковска нагласила дека Северна Македонија целосно ги исполни условите за почеток на преговорите со ЕУ и дека граѓаните на земјата очекуваат и Брисел да го исполни својот дел од обврската и дека секое натамошно одлагање ќе го поттикне евроскептицизмот.
На средбата, вицепремиерката Грковска потенцирала дека Германија е докажан партнер на Македонија и на Западен Балкан и дека со оптимизам се очекува континуитетот на Берлинскиот процес кој донесе големи придобивки во европеизацијата на регионот.