Германската полиција спроведе меѓународна операција против група што распространувала нацистичка музика
Во голема операција насочена против нацистичката музика ширум неколку германски сојузни покраини, германската полиција заплени околу 33.000 аудиоснимки, вклучувајќи ЦД-а, винилни плочи и касети. Полицијата и обвинителството во петокот соопштија дека претреси биле извршени и во странство.
Повеќе од 20.000 примероци на пренесувачи на звук беа откриени при претрес на домовите на четворица осомничени во источната германска покраина Мекленбург-Западна Померанија. Полицијата заплени и 130 уреди за надворешно складирање податоци, вклучувајќи хард-дискови, мобилни телефони и УСБ-а. Вкупно беа одземени предмети и средства во вредност од околу два милиона евра. Од таа сума, 11.000 евра во готовина беа пронајдени кај четворицата главни осомничени, пренесе ДПА.
Полицијата изврши претреси и во компании во Естонија, Италија, Полска и Чешка, за коишто се верува дека биле вклучени во производството на снимки со нацистичка музика.
Операцијата беше фокусирана на музика што истражителите ја опишаа како дел од „нацистичка, антисемитска, расистичка и дехуманизирачка идеологија“.
Осомничените – на возраст од 55, 52, 48 и 43 години, се здружиле најдоцна до 2020 година, со цел да произведуваат и продаваат неонацистички плочи и дискови, според наводите на Обвинителството, коешто исто така, ги товари за учество во криминална организација од крајната десница. Сепак, во заедничкото соопштение се наведува дека тие компании не биле свесни за видот на музиката што ја пренесувале на своите носачи на звук.