Германската економија ќе закрепне дури во 2025 година


И оваа година ќе продолжат неволјите во германската економија, предупреди Институтот за макроекономска политика (ИМК), прогнозирајќи благ пад на активноста за 0,3 отсто, а скромно закрепнување само во 2025 година.

Во следната година активноста треба да порасне за скромни 0,8 отсто, проценува Институтот.

ИМК со седиште во Дизелдорф е дел од фондацијата Ханс Боеклер, која е поврзана со германските синдикати.

Растот на економијата го кочи рестриктивната буџетска политика и континуирано високите каматни стапки, а активноста стагнира, објаснуваат од институтот.

„Германската економија полека излегува од фазата на слабост“, се наведува во извештајот на институтот. „Позитивен поттик за економскиот раст ќе обезбеди личната потрошувачка во 2024 година, а уште повеќе во 2025 година, благодарение на пониската инфлација и договорите за зголемување на платите“, се вели во извештајот.

Понудата и побарувачката на пазарот на труд во моментов се речиси еднакви, смета тим експерти, а пазарот треба да остане релативно стабилен, со само благ пораст на невработеноста.

Годинава ИМК очекува просечна стапка на невработеност од 5,9 отсто, што би се зголемила на 6,0 отсто во 2025 година. Во 2023 година таа изнесуваше 5,7 отсто.

Според оценката на ИМК, просечната стапка на инфлација оваа година треба да изнесува 2,4 отсто и да се спушти на 2,0 отсто, што е еднакво на нивото кое го таргетира Европската централна банка (ЕЦБ). Во 2023 година таа изнесуваше 5,9 отсто.

Тие предвидуваат и дека ЕЦБ ќе почне да ги намалува каматните стапки во април поради олабавувањето на инфлацијата и слабата економска активност во еврозоната.