Германија ја подарува вилата на Јозеф Гебелс, соработникот на Хитлер: Никој не ја сака (видео)


Германските власти ја подаруваат вилата на познатиот нацист Јозеф Гебелс, по неколку децении неуспешни обиди да ја продадат.

Штефан Еверс, берлинскиот сенатор за финансии, во четвртокот објави дека е подготвен да го даде дотраениот имот на секој што сака да го земе, пишува Телеграф.

Дворецот од 17 хектари со години им прави проблеми поради астрономските трошоци за одржување, но и мрачното минато кое го прогонува овој имот.

„Ја нудам вилата на кој сака да ја земе, како подарок од Берлин“, рече Еверс минатата недела во берлинската комора на пратеници.

Гебелс, член на блискиот круг на Хитлер, ја изградил куќата во 1936 година и ја користел за дружење со различни актерки. По падот на нацистичкиот режим, накратко се користеше како воена болница пред да премине во рацете на Советите, кои го претворија во младински камп.

Почнувајќи од 2000 година, имотот, на околу 13 километри северно од Берлин, е ненаселен, а вилата, опкружена со густа шума зад езерото Богензе, пропаднала. Многу прозорци се искршени, а недостасуваат делови од фасадата.

Еверс побара предлози кои ќе го оправдаат историското значење на локацијата, како преземање од страна на федералната влада или соседната држава Бранденберг, каде што се наоѓа. Друга можност би била нов приватен сопственик, можеби со намера просторот да се претвори во музеј. Сенаторот предупреди дека ако нови сопственици не се појават, „како што беше случај во изминатите децении, тогаш државата Берлин нема да има друга опција освен да го изврши уривањето“.

Покраината Бранденбург досега не сакаше да го преземе земјиштето бидејќи трошоците за реконструкција би изнесувале 350 милиони евра. Останува поевтина опција – да се урне целиот имот што би чинело 50 милиони евра.