Германија финансира набавка на 50 илјади борбени дронови за Украина


Германија финансира набавка на 50 илјади офанзивни беспилотни летала за Украина, што претставува една од најголемите познати набавки на дронови за Киев спроведени досега од некоја западна држава.

Нарачката се однесува на дроновите од типот „Shrike FPV“, произведени од украинската компанија „SkyFall“, со софтвер на американската одбранбено-технолошка компанија „Auterion“. Софтверот овозможува автономно следење и таргетирање подвижни цели во завршната фаза од летот.

Извршниот директор на „Auterion“, Лоренц Мајер, ја потврди вредноста на договорот, наведувајќи дека тој изнесува околу 90 милиони евра и дека е финансиран од европска држава. Тој за западни медиуми изјавил дека дел од дроновите веќе се испорачани на украинската влада, а преостанатите треба да бидат доставени во текот на оваа година.

Од компанијата „SkyFall“ ја потврдија вклученоста на Германија во набавката, но не соопштија детали. Германското Министерство за одбрана и украинското Министерство за одбрана одбија да коментираат, повикувајќи се на оперативна безбедност.

Украина во повеќегодишната војна со Русија во голема мера се потпира на различни видови беспилотни летала и, според достапните информации, годишно произведува милиони дронови што се користат во секојдневни напади.

Дронот „Shrike“ што Украина го користи од 2023 година, неодамна привлече внимание и во странство. Верзијата „Shrike 10-F“, развиена од „SkyFall“ во соработка со британската компанија „Skycutter“, беше прогласен за најдобар на првиот круг од тестовите што ги спроведе Пентагон, како дел од планираната набавка стотици илјади борбени дронови за една употреба, иницијатива вредна 1,1 милијарда долари.

Според Мајер, „Auterion“ оваа година учествува во испорака на вкупно сто илјади дронови за Украина, во соработка со различни производители и со финансиска поддршка од повеќе западни влади. 

Во набавките е вклучен и договорот со Пентагон вреден 50 милиони долари за испорака на 33 илјади дронови, за кои „Auterion“ соопшти дека веќе се доставени до Украина.

Велика Британија минатиот месец најави дека во текот на оваа година ќе обезбеди 150 илјади дронови за Украина како дел од поширок пакет воена поддршка вреден 752 милиони фунти (повеќе од 880 милиони евра).