Германија е богата, но сиромаштијата расте


Сиромашните во Германија често мора да се откажат од работите за секојдневниот живот. Некои не можат да си дозволат нова облека или правилно да се загреат, покажува студијата на Институтот за економски и социјални науки (WSI) на фондацијата Ханс-Беклер, која е блиска до синдикатите.

За овогодинешниот извештај, институтот користел податоци од 2021 година.

Во Германија, лице чијшто приход на домаќинството е помал од 60 отсто од таканаречениот просечен приход во земјата се смета за сиромашно. За едночлено домаќинство, сиромаштијата значи приход до 1.200 евра месечно, пренесува ДПА.

Во 2021 година, новата облека била недостижна за 17 отсто од луѓето кои живеат под прагот на сиромаштија долго време, односно пет или повеќе години. Меѓу оние кои таа година се сметале за сиромашни, но не за вкупно пет години, нешто повеќе од осум отсто не можеле да заштедат пари за нова облека.

Според студијата, повеќе од четири отсто од долгогодишните сиромашни не можеле да платат за соодветно греење. Пет отсто признале дека не можат да си дозволат нови чевли.

Податоците покажуваат дека сиромаштијата, дури и во една богата земја како што е Германија, често значи откажување од секојдневните потреби, се вели во анализата на институтот.

Сиромаштијата, мерена според приходите, благо опадна минатата година. Така, во 2022 година, 16,7 отсто од луѓето во Германија живееле во сиромаштија, додека претходната година тој процент бил 16,9.

Сепак, уделот на сиромашните се зголемува од 2010 година. Таа година беа 14,5 отсто, а во 2019 година, последната година пред пандемијата, 15,9 отсто.

Според студијата, натпросечно сиромашни се невработените, лицата кои работат само повремено, самохраните родители, жените, самохраните и лицата со мигрантско потекло, како и оние кои имаат само основно образование.