Герасимовски: Завршени 60 отсто од реконструкцијата на „Ленинова“


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска направи увид во реконструкцијата на улицата „Ленинова“.

Како што соопшти Општина Центар, со проектот за реконструкција ќе се постави нов горен и долен строј на асфалт, целосна замена на водоводната и атмосферска канализациска мрежа, ќе се реконструираат старите и оштетени тротоари, ќе се воведе резидентен паркинг по цела должина на улицата, со нова урбана опрема и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување.

-Со оваа реконструкција им излегуваме во пресрет на граѓаните, кои со години бараа општината да го реконструира овој дел од улицата „Ленинова“. Граѓаните добиваат нова и квалитетно изведена улица, со нова атмосферска и водоводна канализација, нови тротоари и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување. Воведувањето на резидентен паркинг на жителите значително ќе им го олесни секојдневието и ќе придонесе кон намалување на сообраќајниот хаос кој се создава во овој дел, особено во попладневните часови, изјави градоначалникот Герасимовски.

По реконструкцијата, граѓаните ќе добијат улица со нов лик и повеќе зеленило, безбедна и квалитетна, изведена во согласност со сите современи стандарди за функционалност.