Герасимовски: Уште првата година ќе ги почнеме капиталните проекти


Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар (Фото: Б. Богдановска)

Два базени, нови училници, реконструкција на спортски сали, внатрешни и надворешни терени, планира да почне кандидатот и актуелен градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, во првата година од новиот мандат.

„Во изминатите четири години реализиравме 13 милиони евра капитални проекти, со сопствени средства на граѓаните, инвестирани во нови градинки, проширување на капацитети на училиштата, ново осветлување, ново зеленило“. Ова го потенцираше кандидатот за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовкски во гостувањето на Канал 77.

Тој, рече дека се оди и чекор понапред, задолжувањата што биле наследени, скоро целосно се исчистени, а следната година општината нема да има никакво задолжување. 

„Во новата програма, предвидени се два затворени базени, кои ќе бидат наменети за потребите на нашите ученици и ќе се користат бесплатно. Планираме, што е можно побрзо, уште од првата година од мандатот да ги отпочнеме капиталните проекти. Инвестираме многу во училиштата. Скоро сите се реконструирани, спортски сали, внатрешни и надворешни спортски терени, училници. Следниот чекор е зголемување на просторно-капацитетните можности на училиштата, за да не дозволиме ниту едно дете да оди во втора смена. Целта е во сите училишта наставата да се одвива едносменски“, рече Герасимовски. 

Во гостувањето на Канал 77, Герасимовски информираше дека за сите првачиња четири години се обезбедуваат бесплатни ранци и училишен прибор. 

„Од оваа година, воведовме и бесплатни униформи за сите ученици од прво до деветто одделение во сите осум училишта. Како што веќе најавивме, ќе обезбедиме бесплатни здрави оброци за учениците од прво до четврто одделение, како и бесплатни екскурзии за учениците од петто до деветто одделение, кои целосно ќе ги покрива општината. Сето ова е со цел децата да ги запознаат убавините на нашата Македонија“, додаде Герасимовски.