Герасимовски: Со вработување логопеди и дефектолози во училиштата до подобар квалитетот на образованието


Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата вчера заедно со потпретседателката на СДСМ Мила Царовска и министерка за образование и наука одржа средба со граѓаните од Буњаковец. Герасимовски зборуваше за заложбите на партијата и важноста од квалитетното образование како и за идните мерки на општината кои се поврзани со подобрување на образованиот процес.

„ Во ООУ „Кочо Рацин“ и во ООУ „Кирил и Методиј“ следува реконструкција на покривот, фасадата и фасадната столарија со што сите училишта во Центар ќе бидат целосно надворешно заштитени и енергетски ефикасни. Во ООУ „Кочо Рацин“ ќе го реконструираме и потпорниот ѕид. Имајќи предвид дека сите училишта во нашата Општина се инклузивни, во периодот што следува ќе работиме на вработување стручни лица дефектолози и логопеди кои навистина ќе им помогнат на учениците на кои им се потребни да добијат квалитетно образование“, рече Герасимовски.

Тој исто така најави дека општината ќе го продолжи процесот на дигитализација преку набавка и инсталација на современи електронски уреди со што ќе се овозможи современ модел на настава. Герасимовски најави и реконструкција на објектот „Кукушка“ во рамките на ЈУДГ „13 Ноември“ и објектот „Панорама“ во рамките на ЈУДГ „Кочо Рацин“, со што сите објекти на градинките во Општина Центар ќе бидат модерни, современи и во согласност со потребите на генерациите на претшколски деца. 

Општината исто така ќе продолжи континуирано да работи на партерно уредување на училишните дворови, на лабораториите за физика и хемија, во опремување на музичките кабинети, сензорни соби за деца со попреченост, дигитализација и збогатување на библиотечниот фонд во училиштата со детска и стручна литература како и осветлување на дворовите и пристапите до училиштата и градинките.