Герасимовски: Нема да има градба во Центар која нема да биде усогласена со ГУП


Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата во денешното гостување на Утрински брифинг изјави дека во општина Центар има ДУП-ови кои се донесени од ВМРО-ДПМНЕ и кои се ревидираат.

-СДСМ во изминатите четири години имаше мораториум кој на двапати беше укинат и за чие време се правеше усогласување на ДУО-ови и ГУП-ви со цел да се направи поголема зелена површина. Односно од девет ревидирани ДУП-ови општина Центар има добиено дополнителни 14.000 метри зелена површина.На местото спроти Олимписки Базен, каде што сега е изграден памтрак, беше нацртан хотел.

Значи наша цел, заложба моја ќе биде ревидирање на останатите ДУП-ови се со цел да го заштитиме Центар од бетонизација. Имало висококатници – ќе ја намалиме катноста, имало хотели – ќе гледаме да нацртаме нешто за јавно добро, дали ќе биде зеленило, училишта, културен центар, се во интерес на граѓаните. Наша цел и заложба е да ги ревидираме сите останати ДУП-ови се со цел да ослободиме што повеќе површина за граѓаните, изјави Герасимовски.

Тој најави хумана урбанизација во општината преку намалување на градбите и што повеќе зеленило за јавно добро. За комплексната градба кај „Холидеј ин“ Герасимовски рече дека околу 40 отсто од земјиштето е државно и тој нема да дозволи ниту педа од тоа земјиште да се искористи за приватни цели или за бетонизација туку за јавно добро – зелена површина, градинки или училишта.

Исто така Герасимовски беше дециден и најави дека во општина Центар нема да се дозволи градба која ќе отстапи од законите, односно која нема да има предвидено 20 отсто зеленило и паркинг простор во парцелата.