Герасимовски нема да дозволува прекумерно градење во Центар на штета на граѓаните
Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на Општина Центар, од редовите на СДСМ, денеска вети дека нема да дозволи прекумерно градење на штета на граѓаните
– Во Општина Центар нема да има прекумерна урбанизација која е на штета на граѓаните, рече Герасимовски.
Тој вели дека има јасен и цврст став во однос на урбанизацијата, а се залага за развој на општината водејќи се по начелото на обезбедување сите потребни услови за здраво и модерно живеење, доволно јавни сервиси, доволно зеленило, строго почитување на законските прописи и строго и безусловно почитување на паркинг правилата при градба.
– Урбанизација да, не на штета на граѓаните – рече Герасимовски. – За организирано градење во Центар во иднина планирам, продлабочувње на соработката со стручната фела во делот на урбанистичко планирање, партиципативното тело да функционира со советодавна улога, оформување на општински тела во делот на екологијата, правење регистар на дрвја од општината не од градот, станбен регистар за згради и куќи кое ќе нѝ помага за подобро планирање на сите други услуги и потреби на граѓаните, конкурси за важните локации од јавен интерес и поголеми опфати со цел да добиеме поквалитетни решенија, носење на сите ДУП-ови кои ќе обезбедат хумана урбанизација и спасување на секој јавен простор и државно земјиште кој ќе го намениме за граѓаните како и носење на ДУП-ови на приоритетни локации кои немаат воопшто или пак имаат многу стари планови кои мора да се донесат како Кале, Француски, Дуќанџик – изјави Герасимовски.
Во Центар следи и ревидирање на ДУП-овите. Герасимовски најави дека општинскиот совет нема да донесе ДУП кој нема да биде усогласен со Градскиот урбанистички план.
– Центар ќе биде зелен, со урганизирано градење какво што му доликува – изјави Герасимовски.
Општина Центар, со претходниот градоначалник беше под мораториум за градби, неколку години. Сепак, Уставниот суд пресуди дека тоа не смее да се прави.
Имено, со одлука на општинскиот Совет по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ се воведе забрана за градба со која беше стопирана реализацијата на 31 детален план. Во изминативе три години општинските власти успeаја да ревидираат само осум од вкупно 31 ДУП. Со одлуката на Уставен во март годинава, може да сe гради врз основа на ДУП-овите кои тогаш беа на сила, но беа ставени под мораториум.