Герасимовски ќе гради дом за стари лица во Општина Центар


Кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, денешниот Меѓународен ден на старите лица го одбележа со средба со пензионерите од Здружението на пензионери од општината, кадешто ги најави новите мерки што ќе го подобрат квалитетот на нивниот живот, здравјето и благосостојбата.

Герасимовски, во рамки на посетата на Здружението, како клучен проект ја истакна изградбата на современ дом за стари лица, со субвенционирана цена од 200 евра во денарска противвредност.

„Ова беше едно од главните барања на нашите пензионери. Сите знаеме колку е тешко и скапо сместувањето во приватни домови, затоа се одлучивме за овој чекор што ќе им обезбеди достоинствено стареење на нашите постари сограѓани,“ рече Герасимовски.

Домот е предвиден да обезбеди сместување за 50 лица, со услови усогласени со европските стандарди. Секој корисник ќе има пристап до 24-часовна медицинска грижа, квалитетна и разновидна исхрана, како и до богат спектар на социјални активности кои ќе овозможат активно и исполнето секојдневие. На тој начин пензионерите не само што ќе бидат згрижени, туку ќе добијат можност за достоинствено стареење.

Овој проект има посебна вредност и за семејствата, кои често се соочуваат со тешкотии да обезбедат соодветна грижа за своите најстари членови. Со постоењето ваков дом се намалува притисокот врз семејствата, бидејќи нивните најблиски ќе бидат згрижени во безбедна институција која нуди постојана медицинска поддршка и внимание.

Герасимовски  информираше исто така дека двојно се зголемува еднократната парична помош за пензионерите со просечна пензија, при што надоместокот ќе изнесува 5.000 денари.

„Двојно ја зголемуваме еднократната парична помош за пензионерите чии пензии се до висина на просечната пензија. Еднократниот надоместок го зголемуваме од 2.500 на 5.000 денари. Оваа мерка е директна финансиска поддршка за оние на кои најмногу им е потребна“, вели Герасимовски.

Општината ќе обезбеди и една бесплатна екскурзија годишно низ Македонија, со што на сениорите ќе им се овозможи дружење и рекреација. Пензионерите ќе добиваат и бесплатни здравствени услуги, двапати годишно кардиолошки, пулмолошки и стоматолошки прегледи, како и обуки за дигитална писменост во пензионерските клубови.

Со години наназад активен е и проектот „Центар се грижи за возрасните“, преку кој повозрасните жители добиваат нега во домашни услови. Во последните четири години бројот на пензионерски клубови е зголемен, отворени се уште три нови, со што сега во општината функционираат вкупно осум клубови.