Герасимовски активира 600 волонтери во кампањата, посета на 15 илјади домаќинства, вети мирна и позитивна кампања


Горан Герасимовски, актуелниот градоначалник на Центар, но и кандидат за втор мандат денеска кампањата за локални избори ја стартуваше поразлично за разлика од останатите кандидати за градоначалници во државата. Тој, заедно со сите кандидати за советници садеа дрвја во Паркот на Франкофонија како што самиот објави на својата Фејсбук страница како симболика за развој, за одржливост, за иднина и за долгорочна грижа за Центар. 

Герасимовски, најави дека во кампањата се активираат 600тини волонтери и поддржувачи со кои ќе посетат 15 илјади домаќинства. 

„Лично и со мојот одличен тим, сакаме да ви ги понудиме најдобрите решенија за сите барања и потреби. Директно и јасно, чесно и одговорно, со план и со највисока почит. Верувам во Вашата мудрост и желба да продолжиме да го градиме Центар што го сакаме. Безбеден. Чист. Зелен. Хуман. Солидарен. Достоинствен. Отворен и модерен. Центар на културата, најдоброто образование и спокојното живеење“, рече Герасимовски. 

Тој, вети мирна и позитивна кампања, а на останатите кандидати им посака среќа и желба да бидат дел од новата центарска култура која е креирана. 

„Преку позитивна кампања да се натпреваруваме со идеи и проекти. Во Центар немало и не смее да има место за навреди и омаловажувања. Веруваме дека граѓаните повторно ќе го изберат Центар што го сакаме“, порача Герасимовски.

Герасимовски, сподели и дека во изминатите четири години е создадена нова приказна во Центар, која треба да продолжи и понатаму.