Георги Прванов: Со ветото Бугарија ја загуби битката за историјата

Од најблиски народи со ветото станавме најнепријателски, вели поранешниот бугарски претседател


 

Поранешниот бугарски претседател Георги Прванов (2002-2012) денеска повика на конструктивен пристап во односите меѓу Софија и Скопје.

„Колку и да е едноставен францускиот предлог, тој е дипломатски воздржан, дава некаква основа и насока за излез од оваа неколкугодишна дипломатска криза. Така што, да се надеваме дека ќе се направи потег и оваа сага ќе заврши“, рече Прванов, кој учествуваше на прес-конференција на партијата АБВ, која не е во парламентот.

Тој нагласи дека со ветото Бугарија ја загубила битката за историјата. „Очигледно со ветото не можеме да го смениме ставот на македонското општество. Згора на тоа, од најблиските народи, какви што бевме и како што нѐ прогласија двајцата премиери Борисов и Заев, станавме најнепријателски“, реч тој.

Прванов додаде – треба да се работи на обновување на билатералните односи, но не, како што наведуваат од француското претседателство и намерата на кабинетот „Петков“, тоа да се случува преку европските институции. „Ова нема да се случи, како што не се случи пред повеќе од 100 години“, изјави поранешниот шеф на бугарската држава.