Георг Георгиев: Бугарија нема и не може да има дополнителни услови за Македонија
Шефот на бугарската дипломатија одговара на загриженоста од Скопје дека ако Македонија го промени уставот Бугарија може да постави дополнителни услови

Бугарија нема и не може да има дополнителни услови и барања за пристапување на РСМ во ЕУ, изјави денес министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев, пренесува агенцијата БТА.
Министерот им се заблагодари на пратениците за одлуката поврзана со напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската унија, која беше усвоена минатата недела. Во одлуката на парламентот од минатата недела се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите на Македонија исто така строго да ги спроведуваат договорите што ги презедоа, потсетува БТА.
Според Георгиев, одлуката покажува дека Бугарија ги исполнува своите обврски. „Ние строго се придржуваме до консензусот постигнат во 2022 година и нема да отстапиме од него. Ја сфаќаме важноста на проширувањето на ЕУ и европската интеграција на земјите од Западен Балкан, но исто така го потврдуваме принципот на сопствените заслуги“, рече министерот. „Дадовме јасен сигнал дека Бугарија е конструктивна, знае што е добро за регионот и ќе ги следи таквите политики“, додаде тој.
„Важна компонента на одлуката што ја усвои Националното собрание е дека немаме и не можеме да имаме дополнителни услови и барања за пристапување на РСМ кон ЕУ. Ова е јасен и доволен сигнал за нашата доследност, потврда на пораките што отсекогаш сме ги емитувале, а со ова одговараме од највисоката државна позиција во Бугарија на таканаречените загрижености на нашите партнери и пријатели преку западната граница, кои постојано ја изразуваа својата загриженост дека ако го променат својот Устав, Бугарија може да постави дополнителни услови. Ова не било, не е и нема да биде случај“, коментираше Георг Георгиев.
На почетокот на април Георгиев во телевизиско гостување изјави дека „уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не е единствениот услов“. Како што рече, ова го посочува во случај да постои евентуална цел – доколку уставните измени се случат, а потоа се јават и останатите услови од европскиот консензус – дека тогаш некој може да каже „ете, ви кажавме ли дека Бугарите немаат предвид само едно нешто“.
„Прво, не се Бугарите, туку е Брисел. Целата ЕУ стои зад тој консензус. Тоа е многу важно и е услов кој треба да се повторува постојано. И второ, во тој европски консензус се и протоколите, патната карта за заедниците и малцинствата, придржувањето кон договореното за доброседството… Сето тоа треба да биде факт. Во спротивно, нема да има исполнување на европскиот консензус, нема да има исполнување на заклучоците од Советот. А додека тоа не е факт, нема да може да се пристапи кон отворање на првиот кластер кој се однесува на човековите права. Откако ќе видиме уставни измени, се надеваме, да – тоа тогаш ќе го отвори патот и почнува процесот, кон кој, природно, се пристапува со она што го кажав – базирано на заслуги“, рече тогаш Георгиев.
Членството во ЕУ не е дадено, туку се базира на специфични критериуми и услови што секоја земја-кандидат мора да ги исполни, рече Георгиев за новинарите во бугарското собрание.
Георгиев даде заедничка изјава со пратениците од владејачката коалиција: Тома Биков од ГЕРБ, Габриел Валков од БСП и Станислав Балабанов од Има таков народ.
Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент вчера се согласи да го одложи гласањето за извештајот за напредокот Македонија кон ЕУ по предлог на известувачот Томас Вајц. Гласањето во парламентарниот комитет е закажано за 24 јуни, а во пленарната сала на ЕП во Стразбур – во јули.
Имаше напната политичка дебата околу овој извештај, забележа Вајц. Јас целосно го поддржувам мојот извештај, сите парламентарни групи учествуваа во преговорите. Извештајот е на ЕП и нема за цел да ги реши билатералните проблеми меѓу Бугарија и Македонија. Прашањето за односот кон малцинствата е европско прашање, додаде тој.
Инаку официјална Софија го поздрави одложувањето на извештајот за Македонија. Пратеникот од БСП, Габриел Валков, нагласи дека европратениците од БСП, заедно со Партијата на европските социјалисти, се бореле за одложување на извештајот.
„Им честитам на сите бугарски европратеници од сите партии за заедничкото преземање на оваа иницијатива и заедничкото вложување на овие напори. Исто како што Националното собрание едногласно усвои декларација во петокот, европратениците едногласно се заложија за национален став што ги брани бугарските национални интереси, за што им се заблагодарувам“, рече Валков.
„Жалиме што наидуваме на злонамерност од страна на владата на Република Северна Македонија“, коментираше Тома Биков. „Очекуваме и посакуваме РСМ да започне преговори со ЕУ, но откако ќе видиме дека антибугарските сили, кои се и антиевропски, се ставени во позиција да не ја водат државата. Се надеваме дека тоа ќе се случи што е можно поскоро. Вклучувањето на Бугарите во Уставот е важно не затоа што ќе ги реши сите проблеми, туку затоа што ќе го означи почетокот на процес во кој Бугарија и РСМ ќе бидат добри соседи со добри односи и луѓето од двете страни на границата ќе можат да живеат во хармонија и заедно“, додаде тој.
Известувачот за напредокот на Македонија, Томас Вајц, ќе полага поправен испит благодарение на бугарскиот парламент, коментираше пратеникот Станислав Балабанов.
„Тој треба сам да ги извлече заклучоците, заедно со луѓето кои мислеа дека можат да имаат влијание. Ќе видиме каков ќе биде резултатот многу наскоро“, рече Балабанов. „Одлуката што ја изгласа бугарскиот парламент е основа да се каже многу јасно дека ќе го браниме бугарскиот национален интерес до крај во врска со прашањето на Република Северна Македонија и нема да отстапиме ниту еден сантиметар“, рече Балабанов. Се надевам дека еден ден, кога Република Северна Македонија ќе ги исполни апсолутно сите критериуми што ги постави Бугарија, тогаш ќе можат да разговараат за нешто друго“, додаде тој и им се заблагодари на сите бугарски европратеници.