Генерално собрание на Меѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA во Скопје
Република Северна Македонија од денеска до 4 ноември прв пат е домаќин на Генерално собрание на Меѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA (Union of International Mountain Leaders Associations, www.uimla.org), што преставува највисок управувачки орган на унијата.
Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП) која е членка на UIMLA од 2008 година, соопшти дека во рамки на Генералното собрание ќе се одржуваат сесии на управувачките и стручните тела на унијата. Предвидени се и стручни тематски сесии на кои се дискутира за иднината на професијата, но и иднината на авантуристичкиот туризам во светот.
На Генералното собрание ќе биде одбележан и јубилејот на UIMLA – дваесет години од постоењето на оваа меѓународна организација.
Од МАИВП наведуваат дека Северна Македонија е прва и засега единствена земја од регионот што е полноправна членка на UIMLA и која врши обука на професионални водичи во соседните држави – Косово, Албанија и Црна Гора.
Генералното собрание, како што посочуваат, преставува и одлична можност за соодветно лидерско позиционирање на сите туристички чинители од земјава, како од деловниот сектор, така и инститиуциите, за подобро позиционирање на домашниот туризам во деловна, но и во институционална смисла. Тоа е и прилика да се презентира земјава и нејзините вредности пред меѓународната организација на професионални водичи, која што има исклучително значајна улога во креирањето на светските текови во авантуристичкиот туризам, кој пак од своја страна претставува еден од најважните сектори во дојдовниот туризам и важен економски потенцијал.