Генералниот секретар на ДКСК, Адем Чучуљ, добил најмногу бодови во рангирањето за претседател


Адем Чучуљ

 

Комисијата за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) што ја формираше собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата го оцени кандидатот Адем Чучуљ од Скопје, дипломиран правник и актуелен генерален секретар на ДКСК, како најуспешен во постапката за избор.

Според Комисијата, Чучуљ покажал значајно искуство во спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија и конкретен план за работата и развојот на ДКСК. Чучуљ имал одлични одговори на сите поставени општи и посебни прашања, по што освоил вкупно 96,50 бодови, што го рангира највисоко меѓу кандидатите.

Второрангиран е Бранко Смилевски од Скопје – дипломиран економист, магистер на науки за антикорупција, кој е актуелен помошник на Главниот ревизор, со освоени 86,33 бодови, а треторангиран е проф. д-р Кимо Чавдар од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на политички науки, кој освоил 81,83 бодови.

Според најавите, утре треба да биде свикана собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на која треба да биде изгласан кандидатот за претседател на ДКСК по претходно направената селекција од Комисијата за селекција на кандидати.

ДКСК ќе добие нов претседател откако Татјана Димитровска поднесе оставка поради вмешаноста во коруптивен случај.