Генерален штрајк во Белгија в среда, над половина летови откажани


Брисел, Белгија

Со поддршка на трите најголеми синдикати на Белгија, работниците во Белгија масовно ќе штрајкуваат, засегнати се сите превозни средства, јави дописничката на МИА од Брисел.

Синдикалната и работничката мобилизација најавена за среда 9 ноември се очекува да биде без преседан во последните години. Незадоволството на работниците во сите професионални сектори расте пропорционално со цените и стандардот на живеење.

Вториот најголем синдикат во земјата, ФГТБ, сложно со другите два синдикати, упати повеќе барања до власта и до работодавците: да се блокираат цените на енергијата, да се зголемат платите за 2023 и 2024 година, да се воведе данок врз големите профити, да се укине контроверзен закон од 1996 година, и да се отфрли барањето на стопанските комори за замрзнување на механизмот на индексација на платите. Индексирањето на платите во Белгија е механизам кој автоматски ги коригира платите и социјалната помош кога има инфлација.

Штрајкови, прекин на работа, работнички совети, протести ќе се организираат цел ден ширум земјата.

Синдикатите бараат исто така да им биде исплатен превозот на работниците до работното место повторно поради преголемата цена на енергијата и горивото.

Иако денеска синдикатите и работодавците се сретнуваат за да се обидат да изнајдат решение, штрајкот нема да биде откажан. На маса се некои компромисни решенија, но за сега синдикатите не коментираат.

Се очекува целата земја да биде речиси целосно парализирана во среда, вклучително и превозните средства.

Аеродромот во Брисел најави дека 55 отсто од летовите се откажани за 9 ноември, односно над 200 летови. Знаејќи дека еден лет во просек има 130 патници авиокомпаниите најверојатно ќе се соочат со масовни отштети за клиентите. За патниците чиј лет не е откажан за или од Брисел на тој ден, аеродромот бара да се дојде само со рачен багаж бидејќи штрајк е најавен и во одделот за багаж.

Секако штрајкот ги засега и возовите и автобусите.