Гази Баба со субвенции за струја за социјално загрозените и пензионерите


Фото: Б. Грданоски

Општина Гази Баба има нов социјален пакет за помош на социјално загрозените граѓани од Општината. Градоначалникот Бобан Стефковски го објави пакетот, а станува збор за исплаќање парична помош за социјално загрозените граѓани погодени од енергетската и од финансиската криза, како месечен надоместок за јануари и за февруари 2023 година.

– Во социјалниот пакет се опфатени две категории. Првата категорија е парична помош за месечна субвенција од 1.100 денари за електрична енергија за социјално загрозените граѓани, жители на Општина Гази Баба. Барање за оваа парична помош може да поднесат членови на домаќинствата што се корисници на парична помош од социјална заштита (гарантирана минимална помош). Додека, втората категорија, месечна парична помош, исто така од 1.100 денари, е предвидена за корисниците на пензија до најмногу 15.000 денари, жители на Општина Гази Баба. Барање за оваа парична помош може да поднесат сите приматели на ниски пензии во висина до најмногу 15.000 денари, жители на Општина Гази Баба – објасни Стефковски.

Јавниот повик е во тек и од Општина Гази Баба ги повикуваат граѓаните да аплицираат.

– Ова е втор социјален пакет што го реализира Општина Гази Баба за помош на своите граѓани – истакна Стефковски.