„Газам на цврста штица, без гаранции од Брисел нема да има уставни измени“, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот дека ќе нема уставни измени ако нема добиени гаранции од Брисел, ако нема заеднички изготвен јасен план дека нема понатамошна билатерализација на процесот на пристапување.
„Очекувам дека македонското досие конечно во Брисел ќе добие светлина, и очекувам дека ќе седнеме заедно со луѓето во Брисел да разговараме и да направиме план и сценарио како до самиот крај, а не само за првите една или две пречки. Сакам да видам план во кој што ќе учествуваме активно како да дојдеме до самиот крај. Се разбира, никој не може нам да ни гарантира дека ќе дојдеме во одреден временски период, но може да ни гарантира дека немаме повеќе проблем со билатерални прашања. Ако носам каква било одлука, сакам да значи крај на еден процес, а не само почеток. Кога некој во Брисел ќе биде подготвен да разговара со мене за крај на процесот тогаш и јас ќе бидам подготвен“, рече Мицкоски на новинарско прашање.
На дополнително прашање дека од Брисел се инсистира на уставни измени за продолжување на европскиот пат и за изјавата на спикерот Африм Гаши дека за тоа е потребна политичка волја кај најголемата владеjачка партија, Мицкоски потврди дека додека тој ја води Владата и е на чело на ВМРО-ДПМНЕ измени на Уставот нема да има без добиените гаранции од ЕУ.
„Да, нема да има политичка волја додека јас ја водам владата и додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а без ВМРО-ДПМНЕ уставни измени нема да има, тоа треба на сите да им е јасно. Вака како што се конципирани – нема, и нема ни да има. Затоа што јас не сум авантурист ни егзибиционист во мојот живот, газам на цврста штица и ако носам каква било одлука таа одлука сакам да значи крај на еден процес, а не само почеток. Кога некој во Брисел ќе биде подготвен да разговара со мене за крај на процесот, тогаш јас ќе бидам подготвен“, рече Мицкоски оценувајќи ја изјавата на Гаши како мудра, бидејќи е свесен за реалноста во земјава дека без ВМРО-ДПМНЕ нема уставни измени.