Гаши условува: Без борба против корупцијата нема да гласаме за уставни измени


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, не верува дека годинава ќе може да се изгласаат уставни измени. Гаши вели дека неговата партија ги поддржува уставните измени, но со еден услов, да се прифати нивниот амандман за борба против корупцијата, според кој нема застарување на овие дела.

„Отидовме во опозиција поради премиерот Димитар Ковачевски кој брутално го прекрши договорот што го постигнавме во 2021 година со поранешниот премиер Зоран Заев“, рече Гаши и оцени дека Ковачевски и Ахмети „ја убија европската иднина“. 

Тој рече дека и покрај тоа Ковачевски дава изјави за отвореност на Владата за Алтернатива, но, нагласи, соработката со СДСМ е затворена работа. 

 

„Тие немаа храброст отворено да ни кажат што преговараат, така и го затворија процесот. Потоа до нас имаше смешна понуда со мал број на позиции, што значеше излегување од договорот што го имавме и кој беше гаранција за спроведувањето на политиките и програмите“, рече Гаши во синоќешното интервју за телевизија Алсат.

Зборувајќи за обвинувањата на неговиот поранешен сопартиец Скендер Реџепи-Зејд дека Алтернатива ја напушта Владата само поради Министерството за здравство и оти тој сега останува единствен претставник на гласачите на Алтернатива во Владата, Гаши одговори дека Реџепи не бил дел од договорот за владеење.

„Во моментот кога влеговме во Владата и Ковачевски и Заев знаеја дека разговараме со тројца пратеници, а еден пратеник се договори на своја рака со Заев. Значи тој пакет и овој договор е потпишан за тројца пратеници. Тие добро знаат”, додаде Гаши. Тој најави дека доколку заменик-министерот за култура Даим Лучи не биде разрешен тогаш неговото останување во Владата ќе биде уште една потврда дека има некаков договор со Реџепи.

Лидерот на Алтернатива е песимист за процесот на уставни измени, додавајќи дека Ковачевски и Ахмети, освен политичкото самоубиство, ја убиле и европската иднина на државата. Гаши додаде дека ќе ги поддржи уставните измени доколку се прифати нивниот амандман за борба против корупцијата, кој предвидува да нема застарување на овие кривични дела.