(Галерија) Зимата ги покажа забите

Врнежите во текот на вчерашниот ден во Скопје не беа доволни да се формира снежна покривка, па оние најзагреаните за снежни лудории поитаа кон Водно


Фото: Б. Грданоски

 

Некои го посакуваа за новогодишната ноќ, или барем за Божик, но снегот сепак доаѓа на време, додека трае зимскиот распуст за да може да му се израдуваат најмладите.

Врнежите во текот на вчерашниот ден во Скопје не беа доволни да се формира снежна покривка, па оние најзагреаните за снежни лудории поитаа кон Водно, или кон другите планини во близина на главниот град, а каде што снежните врнежи беа пообилни.
 
 
 
 
Водно зиме е посебна приказна, особено ако се заталка по некоја од многуте планинарски патеки кон врвот, а кои се обележени и маркирани за им се олесни и на помалку искусните љубители на оваа  планина.  
 
 
 
 
Но, додека снегот за едни е радост, на други им причинува низа проблеми и потешкотии, особено ако е како денеска, влажен, се топи и кога се создава непријатна кашаста смеса по која движењето е тешко, па и опасно.
 
 
 
 
Да не зборуваме за она што се случува на улиците и на тротоарите, каде што пешачењето е вистинска авантура поради невнимателните возачи кои не ја приспособуваат брзината на движење на возилата, а уште помалку внимаваат дали ќе испрскаат некого.
 
 
 
 
Како и да е, зимата конечно ги покажува „забите“, барем така најавуваат метеоролизите, кои за наредните денови прогнозираат стабилизирање на времето и минусни температури.
Скопјани знаат дека кога снегот ќе напласти, градот е прекрасен. И дека ги покрива привремено сите недостатоци, сета нечистотија и негрижа. Но, и во такви услови треба да функционира.
 
 
 
 
Тоа на тест ќе ги стави и локалните власти и нивните комунални служби, кои ќе имаат прилика да покажат дека ветувањата кои ги даваа пред неколку месеци, пред локалните избори, не биле празни зборови.
 
 
 

 

Нашиот фоторепортер во текот на денот направи обиколка низ градот и на Водно, а неговите фотографии на најубав начин ја доловуваат атмосферата и сето она што со себе го носи зимата и снежните врнежи.  (Фото: Боро Грданоски)