Како изгледа делумната блокада на „Илинденска“ од приватните автобуси (Галерија)

Знаеме дека ЈСП нема капацитет, а нашите автобуси да стојат овде паркирани за да покажеме колку сме, велат приватните превозници


Фото: Б. Грданоски

 

Утрово, приватните превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ паркираа 200 автобуси на улицата пред Градското собрание, со што направија делумна блокада на булеварот „Илинден“.

Сообраќајот на целиот булевар не беше стопиран, туку само крајните ленти, каде уредно беа паркирани автобусите на приватните превозници.

По средните ленти, сообраќајот се одвиваше нормално. Пред зградата на Владата немаше паркирани автобуси, туку од крстосницата по неа се до гимназијата „Орце Николов“.

Доколку викендов нема преговори и наоѓање решение, од „Слобода превоз“ и „Макескпрес“ најавија целосна блокада на сообраќајот во Скопје, поточно протести на крстосниците кај ТЦ „Мавровка“, крстосницата кај зградата на Црвениот крст и целосна блокада на булеварот „Илинденска“.

Фото: Б. Грданоски

„Жал ни е за граѓаните. Ваквите одлуки се поради желбите на градоначалничката. Знаеме дека ЈСП нема капацитет, а нашите автобуси да стојат овде паркирани за да покажеме колку сме. Сообраќајот е оневозможен и автобусите се паркирани на крајните десни ленти. Немаме друг начин. Ова е се производ на првата жена на Градот“, истакна претставникот на „Слобода превоз“, Кемал Муриќ.

Во меѓувреме, откако траат протестите на приватните превозници и по раскинувањето на договорот од страна на Град Скопје, ЈСП ги опслужува линиите на кои дотогаш возеа приватните автобуси, но тоа очигледно не е доволно, а и забележително се проретчени. Линии  на кои имало автобус на секои 10 минути, сега се пополнети со по еден автобус, на еден час.

Фото: Б. Богдановска

Откако Град Скопје го раскина договорот и со „Слобода Превоз“, од здружението на приватни автобуски превозници информираат дека ќе ја оспорат таквата одлука и ќе поведат спор пред надлежниот суд.

Фото: Б. Грданоски

„Ние даваме шанса повторно. Нека си се бркаат криминалите, нека оној кој грешел нека одговара, но тоа да се врши паралелно без да трпат граѓаните и јавниот превоз. Зборувме за логичен и добар компромис. Во спротивно ништо не можеме да направиме за да натераме некого од приватниците. Правото на протест е демократско право и никаде во светот тие што протестираат не се под било каков притисок и закани како што ги доживувавме ние и со раскинување на договори. Ако веќе треба некој да се докажува кој е посилен, нека се остави да се направи во законското дозволиво“, рече Јовановски на денешната прес-конференција по повод протестите на приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

Јовановски вели дека Владата не може да помогне во случајот, а притоа секаде се обратиле.

Фото: Б. Грданоски

„Не сме ние терористи, па градоначалничката да вика дека не разговара под закани и уцени. Кажете вие некому една закана или уцена. Дали некому земавме пари или му отидовме дома? Имаме разбирање, со секој се седнува, дури и завојувани страни седнуваат. Што зло направија овие луѓе за да не бидат сослушани? Очигледно дека некој сака да го префрли проблемот и да не го решие“, категоричен е Јовановски.

Возачите бараат ЈСП да им го исплати долгот кој според нив е над два милиони евра.

Од Градот сега велат дека се работи на нов јавен повик на кој постоечките превозници ќе можат директно и индивидуално да аплицираат за автобуска линија. Досега тоа можеа да го прават само заедно преку фирми за линии во пакет. Новите договори, како што најави Арсовска, ќе имаат и нови услови, пред сѐ во делот на еколошките стандарди.