Од ветување за бесплатен превоз до блокирани булевари – за една година (Галерија)

Јавниот превоз во Скопје е во колапс. Протестираат речиси сите. Градоначалничката и Советот немаат никаква идеја како да го решат проблемот


Фото: Б. Грданоски

 

Дел од главните булевари во Скопје утрово, а и преку целиот ден останаа сосема празни, но не поради тоа што немаше сообраќај, туку поради блокадата на приватните превозници од градскиот сообраќај, кои ја блокираа крстосницата кај „Мавровка“.

Фото: Б. Грданоски

Затоа пак, останатите булевари требаше да ги прифатат сите возила, па очекувано автомобилите повеќе стоеја откаолку што се движеа. 

За некако да тече сообраќајот во Скопје, се погрижија полицајците, кои стоеја на секоја поважна точка. 

Фото: Б. Грданоски

Можеби најисплатливо беше од Аеродром да се стигне до Карпош и Ѓорче Петров, преку булеварот „Србија, па по „Борис Трајковски“ и потоа да се движат како дозволуваа семафорите. 

Зачудувачки, но на улицата „Метрополит Теодосиј Гологанов“, немаше ни едно возило, иако две од четирите ленти се распокани, а слободни се само оние од студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ до АМСМ. 

Фото: Б. Грданоски

Сепак, крстосниците кај „Веро Џамбо“, оние кај Железничката станица, потоа кај Црвен Крст, кај Тутунски комбинат, на Бит Пазар кон Пластичарска, беа полни возила, кои неколупати по по повеќе минути чекаа да заминат во саканата дестинација. 

Кемал Муриќ од „Слобода превоз“ рече, дека блокадата, каде триесетина автобуси се наредија на крстосницата кај „Мавровка“, е резултат од неправилното работење на Јавното сообраќајно претпријатие којашто, како што кажа, дозволи да се натрупа долг во износ од речиси два милиони евра кон нив.

Фото: Б. Грданоски

„После неуспешниот обид да оствариме средба со градоначалничката, да ѝ ги изнесеме нашите проблеми и нашите аргументи, затоа што сметаме дека беше погрешно информирана, таа не најде за сходно да нѐ прими“, истакна Муриќ кој додаде дека потоа не биле примени ниту од страна на ЈСП.

Тој рече дека денеска се принудени да ја блокираат крстосницата само за една цел, а тоа е да им бидат исплатени заработените средства и да бидат оставени да работат како што работеле до сега.

Фото: Б. Грданоски

Денеска пак Советот на Град Скопје ќе одржи вонредна седница за советнички прашање каде што се очекува да се донесе одлука за решавање на проблемот со приватните автобуски превозници.

Од ветувањето за бесплатен градски превоз за сите граѓани, само една година од мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, скопјани се принудени да бараат алтернативен превоз, а поради блокадите и раскопаните булевари, ни сопственото возило не е опција.