(Галерија) Десант на Криволак: Вежба на војници од осум земји

„Брз одговор 22“ е потврда дека и нашата Армија поседува сериозен капацитет да придонесе кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на евроатлантската област


Фото: Б. Грданоски

Денеска на армискиот полигон „Криволак“ се реализираше Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Swift Response 22“ каде беа презентирани воздухопловни десантни операции проследени со падобрански скокови, хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Грција, Албанија и Република Северна Македонија.

И Претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски денеска присуствуваше на воената вежба „Брз одговор 22“, која се реализира од 2 до 20 мај на армискиот полигон „Криволак“, а чиј домаќин е нашата земја.

Фото: Б. Грданоски

За време на посетата на „Криволак“, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, беше брифиран за воената вежба „Брз одговор 22“ и ги проследи вежбовните дејства кои претставуваа комбинирани воздушни активности со падобрански скокови, хеликоптерски десант и авиони, во кои учествуваа вооружените сили на осум земји членки на НАТО.

– „Брз одговор 22“ е потврда дека и нашата Армија поседува сериозен капацитет да придонесе кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на евроатлантската област – рече Пендаровски.

Фото: Б. Грданоски

Вежбата има особено значење за развој на капацитетите на Армијата преку споделување на знаења, способности и вештини, како и зголемување на интероперабилноста со вооружените сили на сојузниците. Истовремено, придонесува за етаблирањето и афирмирање на „Криволак“ како меѓународен тренинг центар .

– Она што денес го видовме на кое што бевме сведоци не беше пркос на моќ и демонстрација на воена сила туку демонстрација на нашето единство обединетост, на нашето сојузништво. Војниците од aрмиите на Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Албанија и Грција покажаа што значи колективна подготвеност и совршена интероперабилност. Всушност ја пратија најважната порака: кога сте НАТО, не сте сами – рече Петровска.

Фото: Б. Грданоски

Во тој контекст Петровска додаде дека во НАТО Алијансата нема мали и големи, нема прв и последен, нема натпревар за елиминација, туку подарена рака и сојузничка поддршка.

Министерката Петровска во своето обраќање се осврна и на армискиот полигон „Криволак“ за кој нагласи дека нејзин личен приоритет ќе биде овој тренинг полигон да продолжи да се развива со што ќе придонесеме за силна Алијанса која е столб на нашите демократии.

Фото: Б. Грданоски

Заменикот командант на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Петер Ендрусјак, во своето обраќање пред присутните кажа дека речиси 10.000 припадници на НАТО сојузничките сили, се вклучени во оваа вежба која симултано се реализира од Балтикот, Норвешка, и овде на „Криволак“ во Северна Македонија каде се случува и најголемиот дел од вежбата со најмногу припадници.

Фото: Б. Грданоски

– Вежбите како Swift Response се од витално значење за нашата комбинирана подготвеност и интероперабилност – и не би биле успешни без силното партнерство што го имаме со нашиот доверлив сојузник во НАТО – Северна Македонија – потенцираше генералот Ендрусјак.

Во воената вежба на „Криволак“ учествуваат 4600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО: Албанија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, Северна Македонија, САД, Франција и Црна Гора. Во вежбата се вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери, а за време на вежбата се изведуваат над 700 падобрански скокови.