Безвременска разгледница од Градскиот парк (галерија)


Фото: Б. Грданоски

Секој што денеска прошета низ градскиот парк во Скопје, можеше да почувствува дека е надвор од градскиот метеж, на некоја друга планета или во друга стварност.

Мирно, тивко и замрзнато. Дури и водата во езерца и каналите, наместа беше замрзната, но за среќа, без ентузијасти како во северните држави, каде лизгаат по замрзнатите канали, па неретко пропаѓаат во нив.

Идиличната зимска слика ја надополнуваа оние весели зимски куќички наменети за птиците, кои одбиваат да го напуштат нашиот град во зима. Патките кои пливаа по површината на студената вода, чавките кои летаа ниско и застануваа на шарените, црвени, зелени, жолти покриви од куќичките кои како да пловат по водата.

Фото: Б. Грданоски

Убаво е да се знае дека Градот се грижи и за овие издржливи животни. Во студените зимски ноќи, можат да преспијат заштитени од северниот ветар во куќичките.

Ќе најдат нешто и за јадење, па полесно ќе ја дочекаат пролетта.

Слободно можеше да се поседи и на клупите, исушени од снегот, затоа што температурата се искачи на високи десетина степени над нулата, по неколкуте дена длабоки минуси.

Фото: Б. Грданоски

Многумина одлучија убавиот ден да го искористат за џогирање по побелените патеки низ паркот. Но, снегот попушти. Полека се топи и си заминува, а паркот се подготвува за пролетно будење. И снешкото, што некој го направил вчера, денеска му одмавнува на чичкото на велосипед…

Фото: Б. Грданоски

Малку беа овие три-четири зимски денови, во кои Скопје осамна под снег. Сепак, сакаме да веруваме дека снегот со себе ќе ги однесе сите вируси и бактерии. Дека градот ќе се разбуди поубав и почист. До следниот скопски, зимски пејзаж, погледнете ги фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски и запамтете дел од убавините на паркот. Можеби тие ќе го оправдаат најновиот предлог паркот да се вика „Безвременски“ – за сите генерации.

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски