Гала концерт „Љубов“ : Со најубавите оперски арии и дуети ќе се отвори в недела 66. Охридско лето
На свеченото отворање на 66. Охридско летов недела, од 21 часот, со гала концертот насловен „Љубов“, оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на маестро Марко Боеми, ќе приреди вечер исполнета со безвременски ремек-дела од Понкиели, Чилеа, Џордано, Пучини, Сен-Санс, Гуно и Масне. Програмата ги обединува најубавите оперски арии, дуети и оркестарски страници, носејќи ја публиката низ светот на љубовта, страста и драмата, во духот на едно од најзначајните културни случувања во регионот.

Според првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски,токму во вечно инспиративниот Охрид се испреплетуваат традицијата и убавината, а уметноста добива нова димензија и нова сила преку фестивалот што веќе 66 години успешно опстојува и е високо етаблиран на меѓународната културна мапа.
На 40-дневниот фестивалски репертоар се педесеттина неповторливи доживувања од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот при што фестивалските сцени ќе примат над 700 докажани уметници од 24 земји во светот. Во рамки на програмата е предвидено и одбележување на два јубелеи, 100 години од раѓањето на големата оперска дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години постоење на Факултетот за музичка уметност –Скопје.
Во соработка со претставниците на дипломатските претставништва во земјава, ќе бидат организирани Австриска вечер, Шпанска вечер, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската унија.
ЕРМОНЕЛА ЈАХО – сопран
Ермонела Јахо важи за една од најзначајните оперски артисти на денешницата со кариера која се протега на сите континенти и во сите престижни оперски куќи во светот. Неодамна ѝ беше доделен орденот „Витез на уметноста“ за особен придонес во уметноста и културата во Франција, беше избрана за „Уметник на годината“ за 2023 година на Интернационалните награди за класична музика, Најдобар женски вокал на Оперските награди во Германија за 2024 година, и за најдобар странски артист на Оперските награди во Шпанија во 2024 година. Нејзините дискографски изданија исто така се повеќекратно наградувани во категориите за опера и за вокална музика. Јахо е амбасадор на Опера „Рара“ и на Опера за мир, а таа е и член на Академијата за науките и уметностите на Албанија.
Јахо е родена во Албанија и студирала на Конзерваториумот во Тирана и на Академијата „Санта Чечилија“ во Рим. По завршувањето на студиите победува на повеќе натпревари, а со тоа се отвораат вратите на нејзината интернационална кариера. Нејзиниот репертоар се протега од барок, па сè до бел канто и веризмо, а нејзините настапи ги одбележува исклучителна драмска идентификација со ликовите кои ги претставува на сцената, нешто што особено го истакнува стручната музичка критика.
Оваа сезона Ермонела Јахо се враќа на сцената на Кралската опера „Ковент Гарден“ во Лондон како Виолета во „Травијата“, а истата улога ќе ја повтори и во „Метрополитен“ во Њујорк, настапува во театрите во Мадрид, Виена и Рим, посветена е на нов дискографски проект со Симфонискиот оркестар на Би-би-си, а ќе биде издаден и новиот албум со француски и италијански песни од Гаетано Доницети снимен за „Опера Рара“.

Чарлс Кастроново – тенор
Сметан за еден од најдобрите лирски тенори на интернационалната сцена, Чарлс Кастроново настапува на водечките светски оперски сцени како: Кралската опера во Лондон, Националната опера во Париз, државните опери во Берлин и Виена, во Театро Реал во Мадрид, во Дојче опер во Берлин, во државната опера во Минхен, на сцената на Фестивалската опера во Салцбург и др.
Кастроново е роден во Њујорк и оперската кариера ја започнува на сцената на операта во Лос Анџелес, за потоа да биде поканет да стане еден од младите уметници кои се дел од Програмата за млади артисти „Линдеман“ при операта „Метрополитен“ во Њујорк.
Есента во 1999 година дебитира на сцената на оваа престижна оперска куќа во улогата на Бепе во премиерата на операта „Палјачи“ наспроти Пласидо Доминго.

Марко Боеми – диригент
Диригентот и пијанист Марко Боеми е носител и на диплома по право од Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим. Неговата кариера која се протега повеќе од 35 години ја одбележуваат соработки со најголемите оперски ѕвезди како: Доминго, Павароти, Карерас, Нетребко, Брусон, Бечала, Тадеи, Ребека, Обрасцова, Бородина, Абдрзаков, Груберова, Григоло, Тезиер, Тетелман, Деси, Сабатини, Ричарели, Воле, Вилазон и многу други, а настапува на некои од најзначајните италијански и меѓународни сцени како: „Ла Скала“ во Милано и „Сан Карло“ во Неапол, во Римската опера и во повеќето оперски куќи и со симфониските оркестри во Италија, во Виенскиот „Концертхаус“, во салата „Шостакович“ во Санкт Петербург, во Ројал Фестивал Хол во Лондон, во Кралската опера во Мускат, во Центарот за уметности во Сеул, во Берлинскиот „Концертхаус“, во „Сантори хол“ во Токио, Концертгебау во Амстердам, Вигмор Хол во Лондон, салата „Гаво“ во Париз, театарот „Вјелки“ во Варшава, во Аудиториумот во Сарагоса, во Гранд театарот во Шангај, во операта во Будимпешта, во „Мегарон“ во Атина, на Фестивалот во Љубљана, со симфониските оркестри во Ерусалим и Тајпеј, со оркестарот на Театарот „Бољшој“, Финската опера во Хелсинки, операта „Хеликон“ во Москва и во центарот „Галина Вишњевскаја“.
Идните ангажмани го носат во Азија на гала-концерти со Пласидо Доминго во Токио и Осака, како и на семинари во Шангај и Шенжен, турнеја низ Кина со Доминго, концерти со Пјотр Бечала во Виена и во Линц, концерти со Ана Нетребко и Виторио Григоло и продукција на „Адријана Лекуврер“ во НОБ во Скопје.
