Габриел од ЕИБ дојде Битиќи да го праша до каде сме со пречистителната станица во Скопје


Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска остварил средба со Бјорн Габриел, од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјава, соопштија од Владата

Поддршката што Европската инвестициска банка во континуитет и ја дава на Северна Македонија, преку реализација на проекти кои се од витален интерес за нашите граѓани, била темата на која разговарале Битиќи и Габриел.

Од владината прес-служба соопштија дека на средбата акцентот бил ставен на реализацијата на прочистителната станица во Скопје, како и за реновирање и рехабилитација на водоводната инфраструктура во сите наши општини каде тоа е потребно.

Се собраа 200 милиони евра за пречистителната станица во Скопје, изградбата никако да почне

– Соговорниците споделија информации и за реализацијата на последната делница од железничкиот коридор VIII/исток, од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, кои сега се во завршна фаза, но разговараа и за потенцијален нов проект за Климатски отпорна инфраструктура која ќе се финансира и од Климатскиот зелен фонд, соопштија од Владата.

Инаку, Европската инвестициска банка како долгогодишен партнер на земјава има инвестирано околу 1,1 милијарди евра во Северна Македонија од 1991 година, главно за да ја поддржи клучната транспортна инфраструктура и да помогне да се обезбеди снабдување и безбедност со енергија.