Штрајк: ФЗОМ не работи – граѓаните не можат да поднесат документи

Во моментот не се врши никаква исплата, во јавно здравство и огромен дел од приватното здравство. Се извршуваат само најитните задачи


Фото: Б. Грданоски

Татко не можеше денеска да го пријави новороденчето за здравствен осигуреник, а мајка чија 18-годишна ќерка имала интервенција, не можеше да поднесе документи за да ѝ се вратат парите, затоа што вработените во Фондот за здравствено осигурување се во штрајк.

На вратите на ФЗОМ во центар во близина на Домот на АРМ, како и во подрачната единица во блзина на Олимписки базен, стоеја излепени ливчиња на кои пишува „штрајк“. Дополнително, стои известување кои услуги ќе бидат достапни за граѓаните, како „пријава на малолетно лице како член во осугурување: регулирање на осигурување за хоспитализирано лице; лекување во странство за итни случаи“ и дека само еден вработен во подрачните единици ќе биде задолжен за овие обврски, сепак канцелариите се под клуч и граѓаните не се примаат.

„Во моментот не се врши никаква исплата, во јавно здравство и огромен дел од приватното здравство. Дополнително, прекинати се сите активности за договорите во јавното здравство, прекинување на и тие со одлука што се, што треба да им се трансформира работното место“, рече претседателот на синдикатот на Фондот, Бранко Аџигогов.

Сепак, сервисите кои Фондот за здравство ги дава електронски, преку „Мој термин“, како упати, издавање рецепти, функционира и непречено се вршат здравствени прегледи. 

 

„Граѓаните да не се мачат воопшто да доаѓаат за барање за рехабилитација, барање за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, барања за надомест на породилно, барања за исплата на надомест за боледувања, барања за осигурување во странство за двојазичните обрасци и така натаму“, додаде Аџигогов.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, денеска информира дека во тек е штрајкот на вработените во ФЗОМ во сите подрачни единици и ќе се извршуваат само најитните работни задачи. Според него, револтот кај вработените е огромен.

„Истрајни се, расположението е да се оди до крај, сѐ додека не се потврди одлуката за платите со декемвриската плата. Бараме само да ни останат платите како што беа со декемвриската. Апелираме до Владата на утрешната седница да отвори точка на дневен ред и да се разгледа ова наше барање“, рече денеска Деаноски од пред Фондот за здравство.

Тој рече да не се лажела јавноста дека ако се исплатат повисоки плати, нема да има лекови за граѓаните, како што порачале од Министерството за финансии.

„Да не се лаже јавноста бидејќи не личи државен орган да игра на емоции и да лаже дека нема пари во Фондот за здравство. Тоа е институција со најголем буџет во државата и ФЗОМ секогаш има пари“, дециден е Деаноски.

Штрајкот нема да престане, дури и по цена вработените да не земат плата.

 

„Прифаќаме само да ни остане платата на ова ниво, не прифаќаме ни денар помалку. Доколку се намалат, само може да биде полошо“, додаде Деаноски.

Вработените во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување стапија во штрајк. Се работат само итните предмети, а за прием на документи ќе има само по еден вработен во подрачните единици.

Синдикатот тврди дека владата бара намалување на платата на вработените за 21 процент со што, според нив, ќе бидат засегнати 831 вработен во фондот, односно 500 до 550 ќе паднат под минимална плата или ќе бидат на минимална плата.

Од Министерството за финансии велат дека не се работи за намалување на платите, туку дека се прави обид за нивно повторно зголемување кое ќе има фискални импликации врз буџетот на Фондот.