ФЗОМ годинава ќе покрива операции за намалување на желудникот за екстремна дебелина
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/saso-klekovski-2.jpg)
Фондот за здравство годинава ќе покрива повеќе и нови методи во државното здравство, најави директорот Сашо Клековски. Пациентите за првпат ќе можат да добијат баријатрична операција доколку се обезни, бидејќи тој потоа води во други здравствени проблеми .
Тој најави и нови методи во хирургијата.
На Дигестивна хирургија во Скопје течат подготовките за прва трансплантација на црн дроб од жив дарител, планираме 10 трансплантанции, тоа е во условен буџет бидејќи ќе платиме толку трансплантации колку што ќе се направат. Досега за ова осигурениците ги упатувавме на лекување во странство. Ќе дозволиме и правење баријатрична хирургија за екстремен обезитас (операции за намалување на желудникот за екстремна дебелина) бидејќи тој потоа води во други здравствени проблеми, посочи Клековски.
Најави дека Урологија повторно ќе има трансплантација на бубрези, откако центарот беше затворен.
– Сакаме да поттикнеме повеќе трансплантации за да го намалиме бројот на пациенти на дијализа, истакна директорот на ФЗО.
Тој рече дека ќе се дозволи и вградување протези на Урологија. Првпат на Радиологија ќе се направи стентирање периферни крвни садови. На Торакална и пластика ќе се работи реконструкција на дојка, што е уште една новост.
– Зголемувањето на Педијатрија е заради очекуваниот зголемен опфат на болни со цистична фиброза. Во преговори сме да ја спуштиме границата на децата кои се третираат со „трикафта“. Според протоколите, сега се шест години, ние ги третираме од дванаесет. Во преговори сме со производителот, со обезбедување позначаен попуст, да ги обезбедиме сите пациенти спрема возраста каде веќе има медицинска индикација, да се дава „трикафта“, посочи директорот на ФЗО.