ФТ: Енергетската криза го зголемува јавниот долг на ЕУ, Брисел повикува на итна координација


Официјални претставници на Европската Унија ги повикуваат владите на државите-членки да избегнуваат прекумерна потрошувачка за ублажување на растот на цените на енергенсите и предупредуваат дека шокот предизвикан од војната на Блискиот Исток би можел да прерасне во фискална криза.

Европската комисија во разговорите со членките инсистира предложените субвенции за енергенти, намалувањето на даноците и ограничувањето на цените да бидат временски ограничени и строго таргетирани, тврдат упатени извори за „Фајненшел тајмс“ (ФТ).

Како што наведуваат неименуваните извори, ЕУ сака да го избегне сценариото од 2022 година кога енергетската криза по почетокот на војната во Украина поттикна раст на инфлацијата и доведе до огромни буџетски дефицити.

Европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен, изјави дека постои ризик актуелната енергетска криза да се прелие и во остатокот од економијата и ја нагласи потребата од координиран пристап на членките на ЕУ.

Според Јоргенсен, Комисијата им нуди техничка поддршка на државите членки за мерките да останат во рамките на расположливиот фискален простор. Податоците покажуваат дека односот на јавниот долг и БДП во ЕУ пораснал од 77,8 отсто кон крајот на 2019 година на 82,1 отсто во третиот квартал од минатата година, што дополнително ги ограничува можностите за нови фискални интервенции.

Американскиот и израелскиот напад врз Иран доведе до скок на цените на нафтата и гасот во Европа за околу 60 отсто, што предизвика страв од недостиг на дизел и гориво за авиони.

Поединечни земји, вклучувајќи ги Италија, Полска и Шпанија, веќе ги намалија даноците на гориво, додека други бараат пофлексибилни правила за државна помош. Италија притоа заговара и ублажување на фискалните ограничувања.

Министрите за финансии на повеќе земји предложија воведување данок на екстрапрофит на енергетските компании на ниво на ЕУ.

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, оцени дека таргетираните мерки можат да ги ублажат последиците, но предупреди дека широките и долготрајни интервенции можат дополнително да ја поттикнат инфлацијата. Слична порака испрати и европскиот комесар за економија, Валдис Домбровскис.