Фридман: Македонскиот јазик постои и ќе продолжи да постои
Европа е таа што треба да стави крај на сето тоа, а на Македонија да остане цврста во одбраната на посебноста на македонскиот јазик, вели еден од најголемите американски и светски слависти кому денеска во Охрид му беше врачена Светската награда на хуманизмот за 2023 година
Македонскиот јазик е посебен словенски јазик како бугарскиот, хрватскиот, српскиот. Сегашните проблеми ќе се решат некако, важното е дека македонскиот јазик постои и ќе продолжи да постои, и точка. Тоа го истакна проф. д-р Виктор Фридман од Универзитетот од Чикаго, еден од најголемите американски и светски слависти кому денеска во Охрид му беше врачена Светската награда на хуманизмот за 2023 година.
Професорот Фридман забележа дека повеќе од јасно е оти македонскиот јазик се разликува и од српскиот и од бугарскиот на секое лингвистичко ниво, од фонологија, преку морфологија, до лексика, синтакса…
– Сличности има, но Швеѓаните и Норвежаните можат да се разбираат кога заедно се сретнуваат, а никој не кажува дека норвешки е шведски дијалект или обратно, нели. Во тоа е работата, дека скандинавците се многу понапреднати од Бугарите, изјави Фридман.
Професорот кој повеќе од 50 години го учи, истражува и зборува македонскиот јазик, рече дека воопшто немал претстава дека македонскиот јазик ќе предизвика проблеми какви што сега произлегуваат од соседите.
Како остар критичар на политиките на Бугарија кон Македонија во однос на македонскиот јазик, во една прилика тој ја оцени актуелната бугарска политика за фашистичка.
– Да. Затоа што во времето на фашизам кога Бугарите ја окупирале Македонија и тоа беше окупација ги тепале децата коишто зборувале македонски…Тоа е фашизам. Во времето на фашизам македонски бил бугарски дијалект, сега што велат Бугарите за македонскиот јазик дека бил бугарски дијалект е исто како во фашистичкото време, рече тој.
Истовремено тој смета дека Европа е таа што треба да стави крај на сето тоа, а на Македонија да остане цврста во одбраната на посебноста на македонскиот јазик.
Кога станува збор за бугарските забелешки и оспорувања по однос некои од историските прашања, професорот нема намера да навлегува во историјата на средновековието како Цар Самуил, но цврст во одбраната на вистината кога станува збор за поновата историја.
– Оваа работа со Цар Самоил е многу компликувана и јас нема да пипам во овие средновековни работи затоа што треба да се договорат историчарите што сакаат. Ама, кога се работи за Втората светска војна тогаш нема да мрднете од тоа што имаат направено Бугарите во времето на Втората светска војна, дециден е професорот Фридман.
Претседателот на Интернационалното жири на Охридската академија на хуманизмот, амбасадорот Јордан Плевнеш, во обраќањето пред присутните на свеченоста истакна дека во светиот град Охрид денеска се случува Балканска лингвистичка револуција бидејќи Виктор Фридман е прв лингвист, добитник на Светската награда на хуманизмот 2023, награда присутна на сите меридијани, а инспирирана од учениците на сесловенските просветители, рамноапостолите Свети Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
– Балканската лингвистичка револуција во име на љубовта кон сите светски јазици ја реализиравте Вие Академик Виктор Фридман бидејќи со Вашата Балканофилија, Вие го вреднувавте македонскиот јазик на светската лингвистичка мапа и Свети Климентовиот сон низ митските корени на духовната и народната традиција стана неприкосновен легитимитет за кој Охридската Академија на хуманизмот Ве нареди на тој величенствен список на досегашните добитници…Бидејќи Вие академик Фридман сте меѓу најобожуваните македонисти и во македонската дијаспора расеана по континентите има една пост-модерна поговорка која вели: „Светот е мал, но Македонија е голема”, рече во својата беседа амбасадорот Плевнеш.
Академик Фридман е седумнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
Во рамки на денешниот настан се одржа и Меѓународна конференција со наслов: „Охридската школа на хуманизмот од средниот век до денес“.
