Фридман: Македонскиот јазик е жив и здрав


 

Триесет и двајца македонисти се учесници на Македонско-северноамериканската конференција за македонистика што денеска и утре се одржува во Охрид.

Основната цел на собирот се македонистичките проучувања, истражувања генерално. На почетоците на одржувањето на конференцијата фокусот се става на лингвистичките дисциплини – македонскиот јазик литература и култура, но сега конференцијата опфаќа и многу други научни дициплини како историја, археологија, антропологија, социологија, фолклор, уметност итн.

– Работниот дел на Конференцијата предвидува шест научни сесии од различни дисциплини. Како и секоја година, така и овојпат во фокусот е посебноста на македонсиот јазик и култура, неговата уникатност не само од аспект на неговото словенско потекло туку и неговиот развој како резултат на живеење во средина и со допир на различни култури и јазици, рече професорката Станислава Сташа Поповска од Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, координатор на годишната конференција.

Елена Петровска што ја координира работата на конференцијата во САД изрази задоволство што покрај сите збиднувања во светот учесниците допатуваа тука во Охрид за да ги збогатат своите знаења од сите области на македонистиката.

– Фактот што имаме учесници од странски универзитетски центри, што активно работат и истражуваат работи поврзани со македонистиката само ја потврдуваат посебноста на македонскиот јазик, рече Петровска.

Дел од годинешната конференција е и докажаниот пријател на Македонија, професорот Виктор Фридман, кој беше учесник и на првиот собир одржан во Мичиген во јуни 1991 година.

Говорејќи за посебноста на македонскиот јазик и идентитет, Фридман посочи дека сите конференции во фокусот ја имаат Македонија, како срцето на Балканот со своите како што рече, најинтересни и сѐ уште живи јазични процеси.

Во време на отворени негирања на посебноста на македонскиот јазик, професорот Фридман рече дека не треба да постои загриженост сѐ додека децата додека играат го зборуваат мајчиниот, македонскиот јазик.

–  Македонскиот јазик е жив и здрав, и независно што многу Грци и Бугари ме гњават, сепак ние ќе опстоиме, рече Фридман.

Кристина Крамер, професорката која 35 години предава македонски јазик на Катедрата по славистика на Универзитетот во Торонто, истакна дека овие собири се важни за промоција на македонскиот јазик. 

–  Многу е важно да се собираме ние кои сме од други земји, да бидеме тука заедно, малку да се јакнеме бидејќи знаеме во кои состојби секогаш работиме. Дека треба да работиме за македонскиот јазик, нашето истражување, она што го предаваме, а истовремено цело време треба да зборуваме зошто баш македонски, зошто ние баш го истражуваме македонскиот јазик, рече Крамер.

Собирот од 1991 година се одржува наизменично во САД, Канада и по шести пат во Македонија, традиционално во Охрид каде се собираат светските македонисти од највисок ранг.