Фрчкоски за кривичната: Срамен притисок врз критичарите на власта


Екс-амбасадорот на Македонија во ОН, Љубомир Фрчкоски реагираше на веста дека му е покрената кривична пријава за финансиски злоупотреби додека служеше во мисијата на Македонија во Обединетите нации. Според него, власта и Министерството за надворешни работи направило срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за да извршат притисок поради неговите јавни настапи кои се критички кон власта.

„По голема пауза на проценка дали професорот ќе молчи или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР сепак одлучило да изврши притисок со појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на амбасадата на Македонија во Њујорк со цел застрашување и замолчување. Во пријавата без срам и перде се наведува дека имало:

– пречекорување на сметките за мобилни(?)
– поправка на возило без дозвола на МНР(?)
– земање на аванс за службено патување (иако целиот аванс е вратен во буџетот, сепак МНР не било задоволено(?)
– вонредни авио билети по повод смртен случај во фамилија (исто така редовно вратени во буџетот), но МНР пак не било задоволно(?)

Според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци на МНР, амбасадор е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и сите сторени ‘пречекорувања‚ се сторени во рамките на неговите законски овластувања.

Но, најголемо незнаење е манипулацијата со парите добиени од сукцесија (продажба на објектот на СФРЈ) во Њујорк, кои дојдоа на сметка на мисијата. Имено, се вели дека наспроти инструкциите на МНР и Министерството за финансии не бил веднаш  уплатен во буџетот сиот износ, туку на неколку рати (сиот износ сепак е уплатен без сомнеж).

Тоа било нужно да биде така бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистираат да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок. Додека купувачот на објектот не го плати данокот (тој е задолжен за тоа) средства мора да има на сметките на сите републики од бившата СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем данокот сепак да биде наплатен од нивните сметки. Тоа е обврска и задолжение од финасиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк.

Така направила и Македонија. Кога данокот (по една година) е наплатен од купувачот тие средства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Но, МНР бидејќи нема поим за тоа го обвинува амбасадорот – не постапил по инструкциите да ги врати сите пари веднаш?! Тој и да сакал, не можел. Но тоа е тоа, со законски непознавања останува само лоша намера за притисок по секоја цена“, стои во реакцијата.