Франција: Војната со вирусот ќе се добие со бројот на креветите за интензивна нега


Мерките што ги донесе владата во Париз се последната шанса демократски да се надмине оваа криза и да не се навлезе во авторитаризам

Француската влада изјави дека наскоро може да обезбеди 14.000 легла за интензивна нега, во споредба со 5.000 легла пред да започне епидемијата во јануари

 

Дејан Буѓевац

(Специјално за „Независен“)

Париз – Веќе неколку недели францускиот здравствен систем, кој се смета за светска референца во здравствената заштита, се соочува со најсилниот предизвик по Втората светска војна. Актуелната борба со „непознатиот гигант“ ќе покаже колку системот, за кој Франција троши многу повеќе од која било друга држава во развиениот свет, е навистина адекватен и подготвен да ја победи смртоносната пандемија, или оваа борба ќе биде несреќен тест за системот. Францускиот систем за лекување е широко достапен преку универзалното здравствено покривање финансирано од владата, а кој на своите граѓани им нуди пристап до врвни лекари и врвни медицински третмани за пониски трошоци.

Емануел Макрон, како и секој друг поранешен француски претседател, со гордост ги истакнува доблестите на здравствениот систем, особено во споредба со Соединетите Американските Држави. Во САД, најмоќната земја на планетата, лекарите во актуелната борба со корона вирусот се обидуваат да најдат маски за да се заштитат прво себеси.

„Она што оваа пандемија сега го покажува е бенефитот на бесплатната здравствена заштита, без оглед на приходот, кариерата или професијата на пациентот. За нашата социјална држава, овие не се трошоци или товар. Она што покажува пандемијата е дека има нешта и услуги што мораат да бидат заштитени од законите на пазарот“, изјави Макрон пред две недели.
Јавната вознемиреност сѐ уште е на ниво на поднослива критика за власта, што дозволува мирна пловидба за секоја нова владина мерка, што не е за потценување ако се земе во обзир препознатливата силна приврзаност и високата чувствителност на Французите кон индивидуалните слободи. Надежта дека до лето ќе се излезе од овој кошмар е таа што ја насочува државата во сеопшт договор, толеранција и послушност од страна на граѓаните. Метафората на претседателот Макрон, „ние сме во војна“, според Алан Бадју, се покажува како точна, бидејќи во епидемија или во војна, државата е принудена понекогаш да воведе практики кои се, во исто време, авторитарни и имаат општа цел, а тоа е избегнување на стратешка катастрофа.

Значи, влоговите се премногу високи.Мерките што се донесени се последната шанса демократски да се надмине оваа криза. На овој начин власта сака да покаже дека може да се надмине епидемијата без диктатура и дека демократијата може да ја надмине ваквата криза. Во Франција, во средата потврдени случаи се 56.989. На интензивна нега се 6.000 луѓе, а од Ковид-19 починаа 4.032 лица.

Тест на издржливост

Но, масивниот прилив на пациенти во болниците во текот на еден краток период веќе го доведува во криза релативно луксузниот, но и робусен француски систем. Секогаш постои еден момент кога бранот на пациенти е преголем и тој станува тест како за човечките ресурси, така и за организациските капацитети на издржливост. А лекарите се на граница на физичка издржливост. Тука е и персоналот што најчесто се заборава, а кој покажува еднаква храброст како и лекарите и медицинските сестри. Тоа се болничките, хигиеничари и старатели, лабораториски асистенти, подготвувачи на храна, техничари за радиологија. Без овие клучни луѓе болниците не би можеле да функционираат. Сите тие се изложени на голем ризик, честопати не се доволно платени, а работат долги и тешки смени.

„Смртните случаи во болницата претставуваат само дел од вкупната смртност“, изјави неодамна францускиот директор за здравствена заштита, Жером Саломон. Конкретно, сè повеќе смртни случаи има во старските домови, кои досега не биле броени во официјалните, и тоа особено во источна Франција. Официјалните бројки не ги вклучуваат смртните случаи пријавени од приближно 7.000 пензионерски домови и други установи низ целата земја, каде што официјалните лица стравуваат дека вирусот ќе се шири брзо. Тие бројки ќе започнат да ги изнесуваат во текот на овие денови, изјави премиерот, предупредувајќи дека всушност „битката само што почнува“.

Ваквото лошо сценарио особено се однесува на Ил- де-Франс (Парискиот регион), кој е најголемиот регион по број на жители во Франција, а кој во моментот веќе има преполнети болници со пациенти и е регион кој во наредните десетина дена ќе биде под силен интензитет на смртоносната епидемија.

„Ако сакаме да спасиме животи треба да донесеме големи одлуки и да ги донесеме денес, или најдоцна утре“, предупреди пред неколку дена Филип Жува, шефот на одделот за итни случаи во болницата „Жорж-Помпиду“ во Париз. Тој повика на воспоставување „воздушен и железнички мост“ помеѓу Ил-де-Франс и регионите кои се помалку погодени од епидемијата, но и со сите земји од Европската унија. „Сосема е веројатно дека нема да има кревети за реанимација во следните неколку часа или наредните неколку дена“, предупреди истиот лекар во својата изјава за ТФ1.

Ослободување на кревети

Целата надеж покрај самоизолацијата е и во ослободувањето на болничките креветите за интензивна нега во наредните денови, бидејќи болниците очекуваат уште поголем број сериозни случаи.„Треба да ги расчистиме креветите. Апсолутно е клучно да ги вентилираме овие единици за интензивна нега. Сè уште имаме зголемување на бројот на пациенти“, истакна пред неколку дена Франсоа Брун, началник на службите за брза помош во регионалната болница во близина на Мец.

Франција ја мобилизира својата армија за да им помогне на болниците. Премиерот Филип веќе изјави дека владата наскоро може да достигне 14.000 легла за интензивна нега, во споредба со 5.000 легла пред да започне епидемијата во јануари. „Оваа војна најверојатно ќе се добие врз основа на креветите за интензивна нега и мораме стратешки да ги искористиме сите ресурси за интензивна нега на национално ниво“, изјави Мари-Одил Саилар, директор на Болничкиот центар во Мец.

Владата нареди милијарди маски за лице, претежно од Кина, но предупреди дека огромната побарувачка за заштитна опрема во светот значи дека можеби нема наскоро да пристигне доволно за медицинските професионалци кои се на прва линија и кои се соочуваат со таквиот недостиг. Сепак, во Франција веќе се поставува прашањето во врска со овие увезени маски: дали се тие сигурни? Ако ги исполнуваат кинеските стандарди, дали истите се валидни и во Европа?

Инаку, во однос на овие кинески маски FFP2, Холандија, која нарача 1,3 милиони последниве денови, морала да повлече 600.000 заради дефекти откриени во филтрите. Исто така, во Шпанија, но и во Чешката Република, некои од маските произведени и испорачани од кинески компании, исто така, се покажале како неисправни.

Од друга страна, треба да се истакне дека независно од општиот моментален консензус меѓу граѓаните и власта за начинот како се води борбата со смртоносната епидемија, пристапот на власта кон актуелната криза има и силни критики, особено од стручната јавност. Така, оние коишто се подобро запознаени или се директно вклучени во здравствениот систем на Франција, сметаат дека во последните децении „благодарение“ токму на политичарите, берзите и големиот бизнис се случи повеќедецениско слабеење на националното здравство, и генерално на сите сектори од јавниот интерес, што всушност покажува дека државата се однесувала како ништо слично на актуелната смртоносна пандемија не може да ѝ се случи на Франција. Многумина тргнувајќи од својот конформизам мислеле дека такви работи може да се случат само во сиромашна Африка или во тоталитарна Кина, но не и во демократска Европа. „На тој начин, здравствената грижа ја земавме здраво за готово, а во последните децении во име на либералниот капитализам и финансиските шпекулации имаме драстично намалување на буџетите за јавните ресурси – од образованието до здравствената заштита“, сметаат француските аналитичари. Во јуни минатата година лекарите и персоналот на итна медицинска помош демонстрираа против намалениот буџет, кој според нив, го поткопува францускиот здравствен систем, доведувајќи го до самиот раб на колапс.

Според Кристоф Прудом, портпаролот на Асоцијацијата на лекари за итна помош, во Франција во последните дваесет години се затворени околу 100.000 болнички кревети. „Денес ние се реструктуираме со концентрирање на ресурсите во поголемите метрополи, за да ги намалиме здравствените трошоци. Но, што ја заменува болницата? Приватна клиника. Ние се лизгаме во типичен американски систем. Сево ова е драматично за голем дел од популацијата и ова уште повеќе ги влошува здравствените нееднаквости“.

Исто така, собрани во „Колективот Ц19“, повеќе од 600 лекари поднесоа тужба на 19 март против поранешната министерка за здравство Агнес Бузан и премиерот Едуар Филип, кого го обвинуваат за „државна лага“ во управувањето со епидемијата на коронавирус. Според овие лекари, владата била свесна за опасноста од епидемијата, но не постапила доволно рано или не успеала да преземе точни мерки, вклучително и складирање на заштитни маски и спроведување на систематски тестирања, со што веднаш би биле издвоени „здравите носители“ способни да заразат неколку лица. Според потписниците на оваа петиција, „лагите, аматеризмот и медиокритет на нашите водачи, довеле до несреќно управување со оваа здравствена криза и скандал со државата. Со нашите гласови, ја даваме нашата целосна поддршка и солидарност на храбрите бели мантили на нашата земја, кои на ‘воениот’ фронт се испратени без материјал“.
Според Светската здравствена организација, европскиот пристап кон пандемијата уште од почетокот бил премногу опуштен, а требало да се преземе поагресивна акција уште во  јануари и да се спроведат пообемни тестирања и подобри мерки за набљудување.

Прашањето е зошто од страна на најбогатите здравствени системи дошло до такво лежерно доживување и аматерско предвидување на смртоносната епидемија и како е можно развиените европски земји во целост да погрешиле во пресметувањето на нивната способност да се справат со епидемијата? Според експертите, во здравствените системи на европските земји, индивидуалниот пациент е централното место околу кое се окупира и се обезбедува здравствената нега и заштита, додека епидемиите бараат промена во оваа перспектива, односно фокусот е на заедницата.