Франција ги испрати „Рафалите“ во своите воени бази во Емиратите


Франција распореди борбени авиони „Рафал“ во Обединетите Арапски Емирати со задача да ги заштитат своите воени бази во областа, потврди вчера министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

„Тие спроведоа операции за безбедност на воздушниот простор над нашите бази“, изјави Баро за телевизијата BFMTV.

Министерот не даде дополнителни детали за мисиите, како и дали имало потреба да се соборуваат беспилотни летала или ракети што би можеле да претставуваат закана за базите.

Зајакнување на военото присуство
Овој потег доаѓа во време на растечки конфликт на Блискиот Исток. Франција претходно го критикуваше нападот на САД и Израел врз Иран, а претседателот Емануел Макрон рече дека операцијата се случила „надвор од рамките на меѓународното право, кое не можеме да го одобриме“.

И покрај критиките, Франција ги зајакна своите воени капацитети во регионот поради ескалацијата на конфликтот. Носачот на авиони со нуклеарен погон Шарл де Гол беше испратен во Средоземното Море заедно со неговите придружни фрегати.