Фотографии кои свират џез – 30 дела од богатата ризица на Оливер Белопета на изложба во МКЦ
Во присуство на бројни гости од сите сфери на живеење кај нас, кои не пропуштаат ниту еден џез фестивал во Скопје, синоќа, во галеријата на МКЦ беше отворена изложба на фотографии на Оливер Белопета насловена „Поради џезот / Because of Jazz“.
-Освен неговата љубов за добрата музика и дизајн, јас особено се гордеам со Оливер како фотограф. Свесен сум за богатството на неговиот живот, што го почуствував уште од почетокот на нашата соработка. Дури уште тогаш му се понудив да му ја разгледам архивата и да му одберам фотографии за изложба. Сепак, помина многу време додека конечно ме покани да ја курирам неговата изложба на Љубљанскиот џез фестивал во 2017 година. Се изненадив кога ја добив неговата поширока селекција на фотографии, коишто покажуваа техничка и содржинска перфекција. Ги одбрав овие фотографии за убаво да се впијат во галерискиот простор, што се покажа како тешка задача, бидејќи ги имаше толку многу и толку интересни! Потоа го предложив насловот на изложбата. Мислам дека имаме среќа што можеме да погледнеме макар и само мал дел од фотографскиот живот на Оливер, вели фотографот Жига Коритник.