(Фото) Вработените во фирмите за организирање настани бараат итни мерки за спас на дејноста


Вработените во фирмите за организирање настани, популарно наречената ивент индустрија, протестираа денеска пред Владата, при што булеварот беше преплавен со специјални кутии – сандаци со опрема за поставување сцени.

Минатата недела на истиот простор и на протест на организаторите на свечености, беа поставени маси за импровизирана свадба.

На денешниот протест од Владата беше побарана неповратна финансиска помош и итна средба со владини претставници. Симболично, со поставените кутии за опрема и едночасовен молк, беше испратена пораката до надлежните дека една година не се во можност да организираат настани и не можат да ја извршуваат дејноста. Според учесниците на протестот, и покрај тоа што во петтиот пакет мерки е предвидена помош и за ивент индустријата, сепак, велат дека мерката е неразбирлива и дека Владата не ги испочитувала барањата на оваа дејност.

Нагласуваат дека во изминатата година имаат пад на приходите од над 60 отсто и дека е неопходна итна реакција за спас на работните места во фирмите од оваа индустрија.

„Деновиве е зголемен бројот на ковид заболени што значи дека уште долго нема да можеме да почнеме со работа“, се пожалија учесниците на протестот.

Тие посочија дека во вакви околности како одговорни компании сметаат дека е неумесно да бараат организирање јавни настани и дека немаат друг избор, освен Владата да изнајде начин да им помогне. 

Според Маја Бабиќ, претседателка на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) досега ништо не било испочитувано од она што го побарале.

„Не само една година во тишина, ќе останеме целосно во тишина“, рече Бабиќ.

Оваа асоцијацијата ја сочинуваат 40 членки, организатори на настани, фирми за техничка поддршка, за видео и аудио продукции и сл.

На протестот тие побараа веднаш да седнат на разговори со Владата за спас на индустријата бидејќи, како што рекоа, сега е непримерно да одржуават јавни настани и да прават големи концерти. (Фото: Борис Грданоски)