Скопјани го сакаат Градскиот парк и на крајот на летото (фото)

И денеска во паркот беше исклучително живо. Некој дојде да се рекреира, други едноставно да пропешачат, а за да биде уште позанимливо придонесоа и неколку манифестациии


Летото календарски се ближи до својот крај, но и покрај тоа убавото време продолжува, па жителите на Скопје и овој викенд во голем број се одлучија за една од нивните омилени дестинации – Градскиот парк.

И денеска во паркот беше исклучително живо. Некој дојде да се рекреира, други едноставно да пропешачат, а за да биде уште позанимливо придонесоа и неколку манифестациии што се одржаа во разни делови на Градскиот парк.

Една од нив беше Вело викендот во Скопје во рамки на Европската недела на мобилност каде што љубителите на велосипедизмот од најмали до најголеми, ги покажуваа своите велосипедски вештини кај популарната Школка.

Инаку, вчера, во рамки на истата манифестација, денот беше посветен на BMX велосипедистите кои возеа на Pump Track – Полигонот пред Олимписки Базен.

Друга манифестација, која предизвика внимание е фестивалот за миленици „Пет фест Скопје“, со 12-часовна програма исполнета со забавни и едукативни содржини за деца и возрасни, како и за нивните миленици.

Целта на настанот е да се подигне јавната свест за чување миленик, љубовта кон животните и одговорното сопствеништво.

Настанот се одржа на летната сцена „Лепеза“ во стариот дел на Градскиот парк Скопје, а организаторите велат дека од исклучителна важност е да се направи вистински избор пред да се внесе миленик во домот, бидејќи секогаш е подобро да нема миленик во домот, отколку тој да биде несоодветно третиран.

„Пет фест Скопје” оди во насока да не биде секогаш главна тема вдомувањето на милениците, туку реалното прикажување на сите аспекти од „пет сферата”, како што се одговорностите при чувањето, нивниот избор, како и поедноставувањето при чувањето на миленик.