(Фото) Половина Македонија во чад, во Стар Дојран едвај се дише
Цел Стар Дојран е во облак од чад, а чадот се надвисна и над поголем дел од езерото. На патот кон Штип исто така се забележува густ чад, а зачадено е се до Радовиш
Пожарите што зафатија голем дел од државата оставаат сериозни последици, не само поради изгорените куќи и шуми, туку го оневозможуваат и секојдневниот живот во многу места, поради чадот кој се прошири речиси на половина територија од земјава.
Фоторепортерот на Независен, Борис Грданоски денеска беше во дел од краиштата зафатени со пожари, меѓу другото и во Стар Дојран, при што како што сведочат неговите екслузивни фотографии, чад се издига и над автопатот кон Свети Николе и Штип.
Пожарот во Стар Дојран дојде и до куќите, при што настрадаа три куќи. Во моментов е локализиран, но се уште гори повисоко и кај депонијата.
Цел Стар Дојран е во облак од чад, а чадот се надвисна и над поголем дел од езерото.
На патот Штип и Свети Николе исто така се забележува густ чад.
Огромен облак од чад го покрива овој дел од земјата. Во чад е и Штип, а зачадено е се до Радовиш.
Инаку, пожарникарите на фотографиите, како што објаснува нашиот фоторепортер се од Струмица, а има распоредено и повеќе противпожарни екипи наоколу, што го држат пожарот под контрола.
Грижи предизвикува ветерот кој и натаму е силен и кој потенцијално може повторно да го разгори огнот.
Претходно, Центарот за управување со кризи извести дека седумте лица, кои беа заглавени во куќа цо село Строиманци, Свети Николско, безбедно се евакуирани откако најпрво полициски хеликоптер фрлил вода врз огнениот обрач, направил дупка во огнот низ која брзо влегле пожарникарите од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и во возила низ огнениот обрач ги извлекле на безбедно.
(Фото: Борис Грданоски)