(Фото) Моден викенд во Скопје: Стил, сеир и европски дух
Скопје три дена е центар на високата и кежуал мода, со нови и етаблирани манекенки, со нови и стари гости и спонзори, со стари-нови хостеси, со нови и стари сеирџии, во нова или веќе видена гардероба, во нов, авангарден простор- Европски универзитет (ЕУРМ), со старо-нови дизајнери, нови идеи и концепт и со професионален и уникатен рекламен материјал.
Почна пролетниот 19. Моден викенд-Скопје, во организација на Света Богова-Јовановска.
Атмосферата не е локална, се чувствува и европскиот дух и шарм. Синоќа, на стартот на првата вечер со ревии, се почувствувавме како да сме во европските модни центри заради шоурумот „United Fashion SEE“ со ексклузивни парчиња од 28 претставници на 17 различни земји кои ги видовме и на писта, различните јазици кои ги слушнавме во публика, присуството на домашни и меѓународни новинари, и талентираните дизајнери со моделите на сите три ревии.
Со ревии синоќа се претставија студентите на факултетот за Арт и Дизајн при Европскиот универзитет, приредувајќи тематско модно шоу со наслов „Ив Сен Лорен и јас“, Јилка Брада од Косово, а викендов следат и ревиите на Маја Кикириткова, Евгенија Зафировска, Софија Урумовиќ, Марија Кулушиќ, Марко Фехер, Милан Зејак, Сара Реџиќ, како и брендот „Arthropoda“.
Второто студентско шоу е резервирано за последниот ден, в недела, овојпат од Технолошко-металуршкиот факултет.
Новина на пролетното издание е гостувањето на „ИВАН АСЕН 22“, платформата за концептуален дизајн од Софија. По презентациите во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, следна „станица“ им е Модниот Викенд во Скопје.
Л. Сабит
Фото: Б. Грданоски, Ани и Дими