(Фото) Марш во центарот на Скопје по повод Денот на независноста на Украина


 Украинците вторпат по ред го слават Денот на независноста на Украина во услови на жестока руска агресија против Украина. Сега, бранејќи ја својата независност, Украина крвари, порача амбасадорката на Украина, Лариса Дир на денешниот марш кој се одржа во центарот на Скопје.

Маршот по повод Денот на независноста на Украина беше во организација на Амбасадата на Украина и Здружението на Украинците „Лесја Украинка“.

Настанот започна во паркот „Жена борец“, а заврши пред „Алеја на Украина“ каде и беше интонирана украинската химна, по што пред присутните се обратија Амбасадорката на Украина, Лариса Дир, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и Претседателот на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“ Олександр Урбанович.

– Украинците вторпат по ред го слават Денот на Независноста на Украина во услови на жестока руска агресија против Украина. Украинците денеска го бранат своето право на живот, суверенитет, територијален интегритет, како и универзалните човечки вредности, односно оние начела и морални принципи кои помагаат да се хармонизира постоењето на луѓето, порача амбасадорката.

Посочи дека во Украина се нарушени европскиот безбедносен простор, меѓународното право, како и духот и нормите на хуманитарното право.

-Од моментот на инвазијата од големи размери врз територијата на Украина од 24 февруари 2022 година, државата агресор уби илјадници Украинци со ракетни и артилериски гранатирања, ги претвори во пепел процутните градови и села на Украина, украде десетици илјади украински деца, мачеше и малтретираше цивили и воени заробеници, рече амбасадорката.

Додаде дека секоја одлука поврзана со помагање на Украинците е од витално значење. „Лесја Украинка“ Олександр Урбанович.

-Сакам да нагласам дека Украина и Украинците плаќаат многу висока цена – животот. Затоа, секоја одлука поврзана со помагање на Украинците е од витално значење за нас, ни овозможува да преживееме, да се бориме, да се браниме и да се заштитиме, истакна Дир.

Градоначалникот Герасимовски увери дека украинскиот народ ја има поддршката и помошта од македонските граѓани.

-Минатата година нашите жители згрижија неколку украински граѓани кои избегаа од воените региони со цел да најдат мир и засолниште за своите деца. Помошта и поддршката се најдрагоценото нешто меѓу државите затоа Општина Центар останува отворена за поддршка на сите семејства кои ќе дојдат во Општина Центар. За крај повторно сакам да ви ја честитам независноста на државата Украина и да ви посакам крај на воната. Ви посакувам слободна држава, силна економија и враќање на спокојот и мирот на граѓаните, изјави Герасимовски.

По повод Денот на независноста на Украина беше поставена и изложба со цртежи од украински деца насловена „Децата на војната“.

Како што информираа претходно од украинската Амбасада овој ден втора година по ред се слави во услови на војна од големи размери на Русија против Украина. Руските трупи започнаа инвазија врз Украина од земја, воздух и море на 24 февруари минатата година и се уште трае. Овој напад е окарактеризиран како најголемата агресија од една држава врз друга во Европа од крајот на Втората светска војна.