(Фото) „Енерго-Технома 2025“ ги отвори вратите за посетителите. Еве што е изложено


Меѓународниот саем за енергетика и технологија „Енерго-Технома 2025“ официјално е веќе почнат од денеска во 13 часот , а за вечер во 18 часот е најавено и свеченото отворање од страна на министерката енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Годинава, фокусот на саемот е ставен на одржливите решенија и технолошките иновации.

„Независен“ веќе „ѕирна“ во внатрешноста на спортската сала „Борис Трајковски“, каде што посетителите во наредните четири дена ќе може да се запознаат со новитетите во енергетиката, од енергетски ефикасни решенија за домаќинствата до иновации што ги трансформираат производствените процеси.

Саемот е на површина од 2.500 метри квадратни, и на него се презентираат производи и технологии од различни индустриски сектори, вклучувајќи енергетски постројки и опрема, системи за греење и ладење, соларна енергија, хибридни технологии, трансформаторски и климатизациски решенија, како и иновации од областа на роботиката и интелигентните системи.

Во текот на четирите дена ќе бидат организирани и над 20 стручни презентации и практични демонстрации, а дел од саемот се и младите иноватори од техничките факултети, кои ќе се претстават со нивните иновативни решенија. 

 

(Фото: Б. Грданоски)