65 години ФЕИТ, родното место на информатиката и на техничките системи (фото)

ФЕИТ е конкурентен на меѓународниот образовен и научен пазар со намјногу објавени трудови со импакт фактор, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова


Вечерва во Скопје се одржа Свечена академија по повод 65 години од формирањето на Факултетот за електротхеника и информациски технологии (ФЕИТ), при што беа промовирани магистри и дипломирани инженери за 2024. На Академијата, организирана под мотото „65 години наставна и научна извонредност“ беше претставен академскиот стремеж за постојан напредок, развој на науката, поддршка на иновативноста, трансферот на технологии, соработката со стопанството и гордоста дека Факултетот е дом на генерации млади и инспиративни студенти кои докажано прераснуваат во носители на битни општествени процеси во земјата и пошироко. 

„ФЕИТ со севкупната работа, проекти, истражувања, иновации и следењето на глобалните образовни и научни текови, неспорно е дека е успешен и релевантен пример на добри образовни и научни практики. За мене ФЕИТ е пионер во создавањето профили на кадри соодветни на новите потреби на третиот милениум. ФЕИТ е конкурентен на меѓународниот образовен и научен пазар со намјногу објавени трудови со импакт фактор. ФЕИТ е родно место на информатиката, на техничките системи, на фотоволтаиците“, истакна во обраќањето претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Таа нагласи дека овој факултет е еден од најпрестижните во рамки на најстариот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“- Скопје.

„ФЕИТ може да се пофали со меѓународна акредитација на студиските програми од страна на АСИИН, германскиот Институт за евалуација. Алумни на ФЕИТ се професори на престижни светски универзитети. Поранешни студенти на ФЕИТ се познати менаџери во најдобрите компании. Бившиот премиер, Бранко Црвенковски е алумни на ФЕИТ. И идниот премиер Христијан Мицковски е професор на ФЕИТ. Од ФЕИТ се и академиците: Леонид Грчев, Љупчо Коцарев, кој премина потоа на ФИНКИ и Зоран Хаџи Велков. ФЕИТ бил експертска и инженерска база за изградба на македонската електро – енергетска инфраструктура, како и за телекомуникациската структура“, посочи претседателката Сиљановска Давкова. 

Со своите 10 институти и 18 лаборатории во кои постојано се вложуваат средства има лидерска улога во учеството во меѓународни проекти како што се  Хорајзон, Еразмус и  многу други. Манифестациите „Инженерски прстен“ и Мајлстоун програмата, исто така, даваат огромен придонес за развојот на инженерството и претставуваат мотивација за сегашните студенти, идни инженери. 

Од особено значење е што и во време на економска криза, македонската ИТ индустрија бележеше и бележи континуиран раст. 

„Оправдано, ФЕИТ денес е еден од најпопуларните факултети кај младата популација. Но, ако се стремиме кон успешна дигитална иднина, не смееме да заборавиме на нашиот најголем предизвик: мораме да ја задржиме тука, дома младата, дигитална генерација“, рече Сиљановска Давкова.

ФЕИТ, како членка на УКИМ, има сериозен придонес во осовременувањето на наставно – образовниот процес, во создавањето на технолошки лидери и во јакнењето на врските со македонското стопанство.

Освнувајќи се на проблемот со одлив на мозоци, Сиљановска Давкова рече дека потребни ни се севкупни и темелни реформи во државата, и пред сè, во високото образование.

„Повикувам на храбар политички исчекор во соочувањето со дведецениската криза во високото образование и истражувањето. Неопходната интеграција на науката и нејзините резултати во општествениот развој, е можна само преку градење партиципативна политичка и општествена култура за континуиран научно, економски, политички и општествен дијалог, порача Сиљановска Давкова. 

На Свечената академија по повод 65 години од формирањето на ФЕИТ, таа потенцира дека мора да се зголеми издвојувањето за науката барем на, како што рече, скромни 1 отсто.

„Мора да се поддржи и стимулира научно-истражувачката работа, да се модернизира научната инфраструктура, односно лабораториската опрема, да се олесни пристапот до базата на податоци. Треба да формираме национален фонд за научно истражување со сигурно финансирање и независно управување. Неопходна е меритократска , објективна и транспарентна постапка за селекција односно избор на научни проекти проекти, како и грижа за најдобрите студенти, магистранти и докторанти. Мора да бидеме во постојан контакт со научниците од дијаспората.  Затоа во рамките на Советот за соработка со дијаспората, јас ќе се обидам да ја вклучам и оваа диимензија, нагласи Сиљановска Давкова. 

На свечената академија се обратија ректорката на УКИМ Биљана Ангелова и деканот на ФЕИТ проф. д-р Владимир Атанасовски.

„Во текот на овие шест и пол децении, нашиот факултет се етаблираше во водечка образовна и научно-истражувачка институција кај нас и во регионот. Денес го славиме не само нашиот јубилеј, туку и нашето патување исполнето со бројни достигнувања, труд и справувања со предизвици. Од основањето пред 65 години, Факултетот овозможува новите технологии да продрат во нашето општество и да го подобрат квалитетот на живот во земјава. Од 1959 година до денес, ФЕИТ се разви во стожер на образование, знаење, иновации и проекти, центар на извонредност, докажан и сигурен партнер на локалната и интернационалната индустрија, институција која создава генерации инженери и научници“, рече професор д-р Владимир Атанасовски, декан на ФЕИТ.

Според него, вложувајќи ги знаењата стекнати на ФЕИТ, македонските инженери продолжуваат да ја создаваат и унапредуваат клучната инфраструктура во земјава, како основа за развој на индустријата, стопанството и општеството во целина. Инженерите по електротехника и информациски технологии од ФЕИТ се носители на технолошката ренесанса на денешницата.

„ФЕИТ ќе продолжи да чекори на патот на извонредност во развојот на електротехниката и информациските технологии. Нашата визија за иднината е јасна: да останеме лидер во образованието и истражувањето, да го прошириме нашето влијание и да продолжиме да придонесуваме кон технолошкиот и општествениот напредок. Погледнувајќи кон иднината, уверен сум дека ќе продолжиме да го градиме патот на успехот со заеднички напори, посветеност и страст“, порача Атанасовски.

ФЕИТ е факултет кој отсекогаш бил светилник на извонредноста, место каде се негуваат на умовите, место каде што се поттикнува креативноста и место каде што се поместуваат границите на можното.

„Од самото негово основање, визијата била јасна: да се култивира (артикулира) простор каде љубопитноста се среќава со експертизата, каде што студентите се трансформираат во лидери и каде идеите еволуираат во технологијата за основање“, истакана професор д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Според неа и покрај сите опипливи достигнувања, духот на оваа академска заедница се одвојува по тоа што го поттикнува и негува безграничниот ентузијазам и постојаната потрага по знаење кај своите студенти кои се срцето на оваа институција. Тие доаѓаат со соништа и заминуваат како иноватори и стручњаци кои се подготвени да се справат со предизвиците на утрешнината. 

Факултетот, во овие 65 години, може да се пофали со речиси 11.000 дипломирани инженери, 1.300 магистрии 170 доктори на науки. Во моментов има 1.500 активни студенти кои работат под менторство на 100-тина наставници и истражувачи, во 20 современо опремени и модерни лаборатории. Факултетот соработува со повеќе од 50 меѓународни универзитети и учествува во бројни европски и национални проекти. Во изминатите 65 години, ФЕИТ беше домаќин на бројни научни конференции и симпозиуми и е единствен факултет со меѓународно акредитирани студиски програми на прв циклус, согласно германското акредитациско тело за инженерски програми ASIIN. ФЕИТ со години го имплементира ISO системот за управување со квалитет. Во 2018 година е воспоставен Центарот за трансфер натехнологии и иновации – ИНОФЕИТ кој соработува со голем број домашни и меѓународни компании. Овој Центар има ексклузивен статус на целосно оперативен дигитален иновациски хаб во С. Македонија.

На свечената академија беа промовирани нови 124 инженери и 56 магистри. Активностите на ФЕИТ се фокусирани на создавање инженери на новото време подготвени да го водат процесот на енергетска, зелена и дигитална транзиција, слично како што претходните генерации беа пионери во градењето на основната инфраструктура на државата.

(Фото: Б.Грданоски)