Форум на граѓани во Општина Аеродром, граѓаните неинформирани – учениците порано дома


Денес во основното училиште „Лазо Ангеловски“ се одржа првиот од низата форум кои општината Аеродром ги организира со финансиска поддршка и партнерство на Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC, Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).

За да се одржи овој форум на граѓани, учениците од втората смена беа пуштени од училиште еден час порано. Дополнително, иако од општината нагласуваат дека секој жител на Аеродром може да присуствува на овој отворен форум, граѓаните не беа претходно информирани за да можат да присуствуваат на форумот по своја волја.

Инаку, од Општина Аеродром информираат дека настаните кои ќе се реализираат во текот на март и април претставуваат транспарентна и партиципативна форма на локално ниво – алка на вклучување на граѓаните од страна на локалната самоуправа во донесувањето на заеднички одлуки кои се важни за самата заедница и за нивниот живот.

На отворањето на првиот форум, кој истовремено претставува и почеток на овој проект свое обраќање имаше градоначалникот Тимчо Муцунски кој се заблагодари на партнерите за поддршката на проектот и на граѓаните за учеството во него.

„Помеѓу нас има различни типови луѓе кои доаѓаат од различни делови на општината и од различни сфери на животот, меѓутоа сите ние споделуваме една заедничка цел, а тоа да создадеме подобра иднина за нас и за нашите деца“, истакна Муцунски во своето обраќање.

Тој додаде дека е отворен за соработка со граѓаните.

„Како градоначалник на оваа општина, јас сум решени и отворен во соработка со вас и со ваша помош да ги направиме нашите заедници посилни, поповрзани и поотпорни. Заедно можеме да ја надминеме секоја пречка и да ја постигнеме секоја цел“, нагласи тој.

Градоначалникот Муцунски потенцираше дека една од целите на ваквите активности е потранспарентна и поотворена општина, што пак е императив во секојдневното работење кој во изминатиот период е потврден со низа активности, иницијативи и проекти и спомена дека придонесот кој граѓаните го даваат во овие форумски сесии е придонес кон подобра општина и поодбра заедница.

По завршувањето на првата форумска сесија, форумскиот циклус ќе продолжи да се реализира со уште четири форумски сесии. Форумскиот процес е отворен за сите граѓани кои преку активно учество со своите идеи и донесување одлуки ќе бидат дел од реализација на минимум еден, а максимум три проекти во износ од 50.000 американски долари.