Формирана Комисијата која треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатот


Владата на денешната седница ги утврдила членовите во Комисијата за утврдување на репрезентативност која треба да ја утврди репрезентативноста кај Сојузот на синдикати. Екипирањето на оваа Комисија е важно за да може да се продолжат преговорите меѓу социјалните партнери меѓу кои и барањето на синдикатите за зголемувањето на минималната плата. 

Од владината прес-служба попладнево информираа дека во Комисијата се предложени по еден претставник од Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за правда, без повеќе детали. 

Премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите неколкупати досега рече дека прво мора да се утврди репрезентативноста на синдикатите, а потоа на седница на Економско-социјалниот совет да се разговара за минималната плата. 

Минималната плата треба да се зголеми овој месец, но за колку, не е познато. Согласно законот, зголемувањето би требало да биде околу 1.800 денари, а Сојузот на синдикати бара зголемување за 6.000 денари и придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата. Оттаму пак изјавија дека пари во Буџетот за оваа намена не се планирани. Се согласуваат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.