Формиран надзорен комитет за превенција на ментално здравје на децата и адолесцентите


Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска се обратил на отворањето на првата работилница за подигнување на свесноста за превенција на менталното здравје на децата, адолесцентите и младите луѓе во државава, преку вклучување на лидерки од локалните заедници.

– Како министер за здравство, во септември годинава, прв пат во Министерството назначив надзорен комитет со претставници од сите релевантни чинители во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, како и претставници на професионални здруженија и експерти од областа. Надзорниот комитет има задача да ги следи активностите поврзани со превенција на менталното здравје и психосоцијалната состојба на децата и адолесцентите, во рамки на заедничката програма на СЗО и УНИЦЕФ, и да изготви Национален акциски план со мерки и активности насочени кон одговор на потребите за ментално здравје на помладата генерација, и тоа до крајот на оваа година, посочил министерот Меџити, соопштија од Министерството за здравство.

Најновите резултатите од последното истражување за однесувањето на деца од училишна возраст (на 11, 13 и 15 г.) во нашата земја, објавени минатата недела, се наведува во соопштението, покажале дека дури 57 проценти од девојчињата на 15 години пријавиле чести нерасположенија, речиси секојдневно во последните шест месеци.

 

– Неопходно е заеднички да дејствуваме. Само со посветено партнерство и соработка помеѓу различните институции, младите, родителите/старателите и згрижувачите, граѓанското општество и меѓународните организации, ќе овозможиме поддршка за менталното здравје на нашите деца и адолесценти, додал министерот.

Воедно, министерот Меџити изразил благодарност до Канцелариите на СЗО и УНИЦЕФ во Скопје за континуираната поддршка при спроведување на активностите поврзани со менталното здравје на децата и адолесцентите, како и на граѓанското здружение „БИОМ- Центар за одржлив развој“ за ангажманот и посветеноста во вклучувањето на претставници – лидерки од локалната заедница.