Форест Фест денеска и утре во Берово
Берово денеска и утре ќе биде домаќин на манифестацијата „Форест Фест 2023“, што ја организира Националното здружение на сопственици на приватни шуми, со цел да се афирмира и популаризира приватното шумарство во Северна Македонија, и е поддржана од регионалниот координатор за источен регион од Колаицијата за клима на граѓански организации.
Настанот, како што информираат организаторите, ќе го отвори министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, а во рамки на дводневните активности предвидени се многубројни забавни и атрактивни содржини.
-Првиот ден од манифестацијата ќе започне со обраќање на гостите од Словенија, Хрватска и Бугарија кои ќе одржат презентација на тема Поддршка на сопствениците на приватни шуми преку фондовите за рурален разв0ој и други национални програми и можности и програми на ЕУ. Потоа ќе следува излагање на тема Фондови за рурален развој и можностите за поддршка на националните паркови и заштитените подрачја, информираа организаторите.
На крај од денешниот прв ден како што додадоа ќе бидат донесени заклучоци за можностите за креирање на мерки за поддршка на сопствениците на приватни шуми преку програмите за поддршка во земјоделството и руралниот развој.
-Вториот ден од манифестацијата во сабота ќе биде задолжен за планинарска тура во организација на ПСК ,,Сосна”, посета на туристички локалитете за членовите на НЗСПШ, како и посета на објект за преработка на дрво-пилана, по што фестивалот Форест Фест ќе биде затворен, додадоа од Националното здружение на сопственици на приватни шуми.